САД се загрижени поради продлабочувањето на односите меѓу Русија и Северна Кореја, соопшти Белата куќа

„Она што неѐзагрижува е продлабочувањето на односите меѓу овие две земји, и тоа не само поради влијанието што тоа ќе го има врз украинскиот народ, бидејќи знаеме дека севернокорејските балистички ракети продолжуваат да се користат за напади врз цели во Украина, туку и поради тоа што може да има некаков реципроцитет што влијае на безбедноста на Корејскиот Полуостров“, вели Кирби

Белата куќа изрази загриженост поради продлабочувањето на односите меѓу Русија и Северна Кореја во моментот кога рускиот претседател Владимир Путин се подготвува да го посети Пјонгјанг.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби изјави за новинарите дека веројатно посетата е дел од кампањата на Путин да добие поддршка по изборите во Русија.

„Она што нѐ загрижува е продлабочувањето на односите меѓу овие две земји, и тоа не само поради влијанието што тоа ќе го има врз украинскиот народ, бидејќи знаеме дека севернокорејските балистички ракети продолжуваат да се користат за напади врз цели во Украина, туку и поради тоа што може да има некаков реципроцитет што влијае на безбедноста на Корејскиот Полуостров“,

рече Кирби.

Претходно денеска Кремљ објави дека рускиот претседател ќе ја посети Северна Кореја на 18 и 19 јуни, а потоа и Виетнам на 19 и 20 јуни.

Путин ќе патува на покана на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, се вели во соопштението на Кремљ, опишувајќи ја посетата како пријателска.

Властите од Кремљ денеска соопштија дека Русија и Северна Кореја ќе потпишат „важни документи“ за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Северна Кореја во вторник и среда, споменувајќи дури и можно потпишување договор за „стратешко партнерство“.

Дипломатскиот советник на рускиот претседател Јуриј Ушаков за медиумите изјави дека Путин во вторник доцна навечер ќе пристигне во Пјонгјанг, а официјалната програма на посетата ќе се одржи во среда.

Според Ушаков, ќе бидат потпишани „важни документи, многу значајни“, споменувајќи дури и „можно склучување договор за глобално стратешко партнерство“.

Путин ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и министерот за одбрана Андреј Белоусов. Во делегацијата ќе бидат и двајца вицепремиери и директорот на руската вселенска агенција „Роскосмос“.

- Реклама -