САД го измени ставот за Тајван, Кина реагираше остро

САД го измени ставот за Тајван, Кина реагираше остро

Американскиот Стејт департмент неодамна ја отстрани од својата веб-страница изјавата во која се посочува дека САД не ја поддржуваат независноста на Тајван. Овој чекор предизвика бурни реакции во Кина, која остро го осуди ваквиот потег. Пекинг изјави дека измената на соопштението испраќа погрешен сигнал до приврзаниците на тајванската независност и истакна дека Вашингтон треба веднаш да ги коригира своите грешки, пренесува Би-Би-Си.

Фразата со која САД официјално се оградуваат од поддршка за тајванската независност беше отстранета како дел од, како што се наведува, „рутинско“ ажурирање минатата недела. Во истото соопштение, сепак, остана нагласен ставот дека Вашингтон ќе ја поддржи инклузијата на Тајван во меѓународните организации во случаи кога тоа е соодветно.

Министерството за надворешни работи на Кина жестоко ја осуди оваа промена, нарекувајќи ја „сериозно назадување“ во американскиот пристап кон Тајван.

– Овој потег им испраќа опасна порака на силите кои настојуваат на независноста на Тајван и уште еднаш ја потврдува американската стратегија за искористување на Тајван како инструмент против Кина – изјави кинескиот портпарол Гуо Џиакун. Тој нагласи дека Кина очекува САД веднаш да ги коригираат своите ставови и да го почитуваат принципот на „Една Кина“.

Од друга страна, Стејт департментот соопшти дека САД и натаму остануваат доследни на својата политика „Една Кина“, што подразбира дека Вашингтон има официјални дипломатски односи со Пекинг, но не и со Тајван.

Во Тајпеј, пак, оваа промена не остана незабележана. Тајванскиот министер за надворешни работи во својата реакција ги поздрави пријателските пораки од САД кон неговата земја, истакнувајќи дека ревидираните формулации во соопштението на Вашингтон се позитивен сигнал за односите меѓу двете страни.

Сепак, односите меѓу Тајпеј и Вашингтон повторно дојдоа под лупа поради прашањето за технолошката индустрија, особено во областа на производство на чипови.

Ву Ченг-вен, кој раководи со тајванскиот национален совет за наука и технологија, реагираше на неодамнешни коментари од поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Трамп повторно ја истакна својата теза дека Тајван ја презел водечката улога во индустријата на полупроводници и дека производството на чипови треба да се врати на американска територија.

Во одговор на ова, Ченг-вен преку социјалните мрежи изјави дека Тајван ќе продолжи да биде сигурен партнер во глобалниот синџир на снабдување со полупроводници. Тој нагласи дека островот не го наследил овој сектор од САД,туку со децении напорно ја градел својата индустриска позиција,почнувајќи од 1970-тите години.

Тајванската компанија ТСМЦ останува водечки договорен производител на чипови во светот,а воедно претставува стратешки фактор кој игра клучна улога во односите меѓу САД и Кина. Неизвесноста околу Тајван и понатаму останува едно од најспорните геополитички прашања, особено во контекст на можни идни тензии во Тајванскиот Теснец.