Во врска со трошоците на НАТО, Руте за Си-ен-ен рече дека ја разбира „иритацијата“ на САД затоа што тие трошат на одбраната повеќе од другите членки на НАТО


Генералниот секретар на НАТО Марк Руте го нарече говорот на потпретседателот на САД Џеј-Ди Венс на минхенската безбедносна конференција „филозофски“, додавајќи дека „Венс го нагласил единството меѓу САД и Европа и алудирал на заедничките вредности како слободата на говорот и демократијата“.
Претходно, Венс ги обвини европските лидери дека ја потиснуваат слободата на говорот и дека одбиваат да соработуваат со партиите од крајната десница во владите.
Во интервју за Си-ен-ен што го водеше познатата новинарка Кристијан Аманпур во Минхен, Руте рече дека потпретседателот на САД одржал филозофски говор.
„Но, тој силно го истакна единството меѓу САД и Европа и истакна дека ние сме едно семејство, алудирајќи на нашите заеднички вредности како слободата на говорот, демократијата и друго, а тоа се вредностите што не поврзуваат“,
рече Руте.
Во врска со трошоците на НАТО, Руте за Си-ен-ен рече дека ја разбира „иритацијата“ на САД затоа што тие трошат на одбраната повеќе од другите членки на НАТО.
Тој додаде дека Европа мора да „порасне“ и „да се погрижи сама за себе“.
Оваа изјава доаѓа откако американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет пред неколку дена рече дека барањето на Трамп е земјите-членки на НАТО да трошат по пет проценти од својот бруто-домашен производ на одбраната.
Руте додаде дека високи американски претставници му порачале оти војната во Украина мора да заврши што поскоро.
„Конечниот договор за Украина мора да биде силен договор. Слаб договор за Украина не само што ќе има последици овде врз Европа и врз колективната безбедност на НАТО, туку ќе ја охрабри Кина да прави што сака“,
рече тој.
Претходно германскиот министер за одбрана Борис Писториус, пак, го нарече говорот на Венс „неприфатлив“.
Писториус се обрати во Минхен два часа по Венс, и рече дека не можел да не го прокоментира говорот на американскиот потпретседател додавајќи дека е горд што живее во Европа, „каде што демократијата се брани од внатрешни и надворешни непријатели“.
Венс во обраќањето пред европските лидери рече дека ако „владеат во страв од своите гласачи, Америка не може ништо да стори за нив“. Тој додаде дека ниедна демократија не може да опстане ако им кажува на милиони свои гласачи дека нивните грижи „не вредат да бидат земени предвид“.