„Сега сме безбедни, но за да бидеме безбедни и за пет години, мора уште денес да почнеме да трошиме повеќе за зголемување на одбранбеното производството, за зајакнување на отпорноста и за поддршка на Украина“, рече генсекот на НАТО во своето обраќање во Европскиот парламент
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте ги повика сојузниците од Европската Унија да одвојуваат повеќе средства за одбрана или во спротивно да почнат да учат руски јазик или да се преселат во Нов Зеланд.


Руте ова го кажа во дискусијата во Европскиот парламент на заедничкиот состанок на членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), на Поткомитетот за безбедност и одбрана (СЕДЕ) и на Парламентарната делегација за односи со НАТО, пренесува ХРТ.
Во своето обраќање шефот на НАТО, рече дека негови приоритети се зајакнување на одбраната и зголемување на одбранбените трошоци и производство, со цел, не да се предизвика војна, туку да се спречи. Руте потсети дека НАТО сојузниците ги зголемиле трошоците за одбрана и дека две третини од нив веќе издвојуваат најмалку два отсто од својот БДП за одбранбени потреби.
„Тоа е добро и го поздравувам, но да бидам искрен, два проценти не е ни доволно близу и за да останеме безбедни во годините што доаѓаат сојузниците ќе треба да разгледаат одбранбена потрошувачка значително поголема од два отсто“, рече Руте, додавајќи дека „безбедноста не доаѓа бесплатно“,
пренесува МИА.
Тој истакна дека иако европската одбранбена индустрија зајакнува, таа е се уште мала, премногу фрагментирана и расте доста споро. Затоа ги поздрави напорите на ЕУ за зајакнување на одбраната и на воената индустрија преку обезбедување инвестиции и иновации во овој сектор, со што, според него, ќе се зголеми безбедноста на Европа.
„Трансатлантската одбранбена индустриска соработка не прави сите посилни. Во време кога Русија, Кина, Северна Кореја и Иран ја зајакнуваат меѓусебната одбранбена соработка на нивоа без преседан, би било чин на самоповредување ако ставаме нови бариери меѓу сојузниците во НАТО“,
рече Руте.
Според него, неопходно е избегнување на дуплирање на постоечките структури и неоправдано губење на време и ресурси, па затоа НАТО и ЕУ мораат да работат заедно и да се надополнуваат во зајакнување на безбедноста и справувањето со кибер нападите, саботажите, шпионажата, дезинформациите, инструментализацијата на миграцијата и останатите непријателски активности.
„НАТО тоа не може да го прави сам. Треба да работиме заедно за да ја искористиме нашата сила и стручност за да го зачуваме нашето население безбедно. Затоа треба да ја зајакнеме нашата одбрана. Сега сме безбедни, но за да бидеме безбедни и за пет години, мора уште денес да почнеме да трошиме повеќе за зголемување на одбранбеното производството, за зајакнување на отпорноста и за поддршка на Украина“,
кажа Руте.
И поранешната македонска министерка за одбрана, а сега заменичка на Руте, Радмила Шекеринска, вели дека за да се справи со сè потурбулентното безбедносно опкружување, Алијансата мора да ги зголемува трошоците за одбраната и одбранбеното производство.
Шекеринска ова го порача за време на нејзиното денешно обраќање на годишната национална конференција на здружението „Народ и одбрана“ на тема „Ковање на иднината: Стратегиската визија на НАТО под новото раководство“, која се одржува во шведскиот град Селен.
Таа потенцира дека вкупните воени трошоци на Русија ќе достигнат најмалку седум или осум отсто од рускиот БДП и таа заедно со Кина, Иран и Северна Кореја има за цел да го дестабилизира глобалниот поредок, да ги ослаби Европа и Северна Америка и да ги поткопа нашите слободи.
Инаку, генералниот секретар на НАТО во своето обраќање во Европскиот парламент се осврна и на состојбата на Западниот Балкан, за кој рече дека е клучното соседство на НАТО, но случувањата, пред сè ситуацијата во Босна и Херцеговина, како и односите меѓу Србија и Косово се причина за загриженост.
„Внимателно го следиме развојот на безбедносната ситуација во Босна и Херцеговина. НАТО сојузниците беа секогаш јасни дека нема да дозволиме безбедносниот вакуум да ја зафати Босна и Херцеговина и воопшто целиот Западен Балкан“,
рече Руте.


Тој потенцира и дека НАТО тесно соработува со Европската Унија во Мисијата ЕУФОР Алтеа во Босна и Херцеговина, чиј мандатот беше продолжен лани во ноември и која, како што рече, има клучна улога во овозможувањето на побезбеден и посигурен амбиент во земјата и во соочувањето со сите потенцијални предизвици.
Генералниот секретар на НАТО, исто така, посочи дека Алијансата е во постојан контакт со властите на Косово, но исто така и на Србија, со цел да се осигура дека претстојните косовски парламентарни избори нема да доведат до ескалација на состојбата.
Според Руте, во ова опасно време по безбедноста и во услови на руската агресија врз Украина, од суштинско значење е соработката меѓу НАТО и ЕУ.