Началникот на руските трупи за радијациска, хемиска и биолошка заштита, генерал-потполковник Игор Кирилов е меѓу загинатите во експлозијата што се случи рано денеска во Москва. Покрај него животот го загуби и неговиот помошник. Причина за експлозијата е активирање на експлозивна направа поставена во електричен скутер, соопшти Истражниот комитет на Русија.
„Според истрагата, утринава на Рјазански проспект во Москва, активирана е експлозивна направа поставена во електричен скутер оставен на влезот во станбена зграда. Во експлозијата загина началникот на трупите за радијација, хемиска и биолошка заштита на руските оружени сили Игор Кирилов и негов помошник“, изјави портпаролот на Истражниот комитет. Експлозијата се случила пред станбена зграда на Рјазански проспект, авенија во рускиот главен град која започнува на околу 7 километри југоисточно од Кремљ.
За случајот е поведена кривична постапка.
Инцидентот се случи еден ден откако Службата за безбедност на Украина (СБУ) објави дека украинското обвинителство поднело обвинение против Кирилов, обвинувајќи го дека е одговорен за употребата на хемиско оружје против украинските војници за време на војната што започна со руската инвазија на Украина. Според СБУ, руските сили користеле хемиско оружје речиси 5.000 пати за време на војната во Украина под водство на Кирилов.
Украинските медиуми објавија дека токму СБУ стои зад убиството на Кирилов.
„Генерал-полковник Игор Кирилов, началникот на радијациските, хемиски и биолошки одбранбени трупи на руските вооружени сили, беше убиен на 17 декември во операција на Службата за безбедност на Украина (СБУ)“, изјавил извор од СБУ за Киев Индипендент.
„Кирилов беше воен злосторник и целосно легитимна цел, бидејќи даваше наредби за употреба на забрането хемиско оружје против украинската војска… Одмаздата за воените злосторства е неизбежна“, додал изворот, објави весникот.
Кирилов и неговиот воен оддел беа ставени на списоците за санкции од Британија, Канада и Нов Зеланд во октомври поради нивната употреба на средства за контрола на немири и бројни извештаи за употреба на токсичниот агенс за задушување – хлоропикрин, на бојното поле. Кирилов учествуваше во создавањето и усвојувањето на тешкиот пламенофрлачки систем ТОС-2 „Тосочка“ од страна на руската армија, како и во борбата против пандемијата со Ковид-19.