Русија не потврди официјален претставник за разговорите

Русија не потврди официјален претставник за разговорите

Преговорите за ставање крај на војната во Украина ќе започнат на 18 февруари во Ријад, со учество на официјална руска делегација, објави синоќа рускиот весник „Комерсант“.

Весникот не објави кои ќе бидат членовите на руската делегација во преговорите во Саудиска Арабија,наведувајќи дека на Телеграм се појавиле информации за подготовки на рускиот министер за надворешни работи,Сергеј Лавров,за посета на Саудиска Арабија.

Се очекува американскиот државен секретар Марко Рубио, американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, да учествуваат како претставници на САД во преговорите за ставање крај на војната во Украина.

Руската новинска агенција ТАСС објави дека во Ријад ќе се разговара и за подготовките за средба Трамп-Путин.

Ова ќе биде прва директна средба помеѓу високи функционери на двете земји по повеќе години пауза. Рубио вчера изјави дека следните денови и недели ќе покажат дали Путин е сериозен кога вели дека сака мир во Украина.

Дополнително, според последните информации од европски дипломатски извори, Украина очекува поддршка од неколку западни земји во форма на засилени воени и финансиски пакети, кои би можеле да бидат дискутирани како дел од поширокиот мировен процес. Според медиумските извештаи, можно е нови санкции против Русија да бидат предложени во рамките на овие преговори.