„Рудина фестивал“ повторно ги спојува фолклорот од светот – стартува фестивалот на мирот во Чегране

Со свечено дефиле на учесниците и голем концерт на училишното игралиште во селото Чегране, вечерва ќе биде отворено шестото издание на меѓународниот фолклорен фестивал „Рудина фест 2023“.

Овогодинешниот фестивал се одржува под мотото „Фестивал на мирот“, со цел да промовира културно поврзување, пријателство и меѓусебно почитување преку традиционалната музика и игра.

На фестивалската сцена ќе настапат фолклорни ансамбли од Колумбија, Италија, Турција, Албанија, Македонија и Казахстан, кои ќе ги споделат своите богатства од народната традиција, носии и културно наследство.

Уметничкиот директор на фестивалот, Зани Мехмеди, истакна на прес-конференцијата дека, покрај свеченото отворање во Чегране, учесниците ќе имаат настапи и во Тетово и Гостивар.

Во рамките на манифестацијата „Тетовско културно лето“, ќе се реализира ревијален настап на 21 јули, а фестивалската програма ќе продолжи на градскиот плоштад во Гостивар, каде ќе се одржат финалните настапи и ќе се доделат признанијата.

Оценувањето на најдобрите изведби ќе го спроведе меѓународна жири-комисија составена од експерти, етнолози и кореографи, меѓу кои се и Франческо Малоци, Мирјана Мирчевска, Беким Рамадани, Бесарта Речица и Теодора Стојановска.

На оваа годинашна манифестација се очекува учество на околу 200 фолклористи, а наградите и признанијата ќе бидат поделени на завршната вечер, на 23 јули во Гостивар.

Организаторите се согласија дека подготовките за фестивалот не биле лесни, особено поради финансиските предизвици и откажувањето на учествата на неколку најавени ансамбли од Мексико и Бурунди. Но, манифестацијата ќе се реализира благодарение на поддршката од поединци и компании.

Фестивалот „Рудина фест“ го носи името по местото Рудина, каде во 1999 година, за време на косовската бегалска криза, бил сместен голем бегалски камп во кој во еден период престојувале околу 40 илјади луѓе. Денес, фестивалот го претвора ова место во симбол на мир, солидарност и културна размена.