Американскиот државен секретар Марко Рубио планира во наредните денови да се сретне со руски функционери во Саудиска Арабија за да разговараат за можен крај на војната во Украина.Овие средби се дел од неговата дипломатска турнеја на Блискиот Исток, пишува Би-Би-Си.Денеска,Рубио се наоѓа во Ерусалим,каде што ќе одржи разговори со израелскиот премиер околу следните чекори во примирјето.
Сè уште не е јасно кој ќе ја претставува Русија на овие средби, додека Рубио ќе биде придружуван од советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
– Целта на разговорите во Саудиска Арабија е да се подготви средба меѓу Доналд Трамп,Владимир Путин и Володимир Зеленски – изјави американскиот конгресмен Мајкл Мекол за време на Минхенската безбедносна конференција,која денеска завршува.
Во изминатите денови, повеќе европски лидери на конференцијата ја нагласија потребата Европската Унија да ја засили својата одбрана и да има поактивна улога во рамките на НАТО. Во понеделник, францускиот претседател Емануел Макрон ќе организира состанок со европските лидери во Париз, каде што ќе се дискутира за трошењето за одбраната и други горливи прашања што беа покренати за време на Минхенската конференција.
Минхенската безбедносна конференција го доживува својот завршен ден, со акцент на европската безбедносна архитектура, побрз пристап во ЕУ за балканските држави и конкурентноста на Унијата.
Рубио, исто така, оствари телефонски разговор со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Двајцата се согласиле да работат на организирање на средба помеѓу Путин и Трамп. Рускиот дипломатски врв соопшти дека на средбата ќе биде разгледана и ситуацијата во Палестина, како и други регионални прашања од значење.
Путин и Трамп неодамна одржаа телефонски разговор кој траел повеќе од еден час.
Медиумите и аналитичарите во ЕУ предупредуваат дека овој контакт меѓу американскиот претседател и рускиот лидер предизвикува загриженост во Европа. Постојат стравувања дека ЕУ и НАТО би можеле да бидат исклучени од мировните разговори за Украина, а некои експерти дури предупредуваат на можни промени во глобалниот поредок, споредувајќи ја ситуацијата со Минхенскиот договор од 1938 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина не е поканета на разговорите во Саудиска Арабија. Специјалниот претставник на Трамп за Украина,Кит Келог,вчера изјави дека Европа нема да биде вклучена во мировните преговори. Неговата изјава предизвика изненадување на Минхенската безбедносна конференција, имајќи предвид дека европските лидери во изминатата недела инсистираа мировните преговори да не се одржат без Киев или без нивно присуство.
Келог исто така нагласи дека мировниот план за Украина би можел да биде финализиран во наредните денови или недели.
Би-Би-Си потсетува дека Европа и понатаму е обременета со исходот од Минските договори – неуспешниот мировен договор меѓу Украина и Русија од 2015 година, кој беше посредуван од Франција и Германија, а кој требаше да доведе до прекин на борбите во Донбас, источна Украина.




