Руската и американската делегација кои се сретнаа во Ријад не само што ги споделија своите ставови,туку и дојдоа до заемно разбирање,изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по денешните разговори со американската делегација,предводена од американскиот државен секретар Марко Рубио. Тој нагласи дека прашањето за меѓусебното присуство на амбасадите е речиси целосно договорено.
Од американска страна, Рубио истакна дека главниот фокус е обезбедувањето на непречено функционирање на дипломатските мисии, што претставува исклучителна можност. Тој истовремено потенцираше дека е важно да се разгледаат можностите за поширока соработка меѓу двете земји, не само во геополитички, туку и во економски контекст.
Според британскиот весник „Гардијан“, меѓу клучните договори постигнати во Саудиска Арабија се и брзото именување амбасадори, што треба да се реализира во најкус можен рок. Дополнително, Вашингтон и Москва се согласија да започнат формални консултации околу мировниот договор за Украина, при што Русија сега чека САД да ги назначат своите водечки преговарачи, очекувајќи средбите да продолжат на редовна основа.
Разговорите ќе се фокусираат на прашањата поврзани со територијалната поделба и безбедносните гаранции, при што приоритет ќе биде ставање крај на војната на долгорочна основа. Меѓутоа,американската страна остана воздржана во однос на тоа како би се решил статусот на Крим,па не беше даден конкретен одговор за ова прашање,наведува „Гардијан“.
САД инсистираат на тоа дека Украина и Европската унија ќе бидат дел од разговорите во одредена мера, но без конкретно обврзување дека ќе добијат директно место на преговарачката маса. Рубио нагласи дека секој учесник во конфликтот треба да биде согласен со евентуалниот договор и да го прифати како правично решение.
Американските претставници истакнаа дека секоја иднина мировна гаранција мора да биде предводена од Европа, повикувајќи ги европските партнери да ги зголемат своите одбранбени вложувања. Во тој контекст, беа пофалени Велика Британија и Франција за нивниот проактивен пристап кон безбедносната поддршка на Украина.
Од друга страна,Русија јасно го отфрли секое сценарио за распоредување на европски мировни сили во Украина,при што Лавров нагласи дека ваквата идеја е целосно неприфатлива. Тој повторно ја нагласи својата загриженост за експанзијата на НАТО кон исток, која ја оквалификува како директна закана за безбедноста на Русија.
На подолг рок,Москва и Вашингтон ќе продолжат со истражување на можностите за поширока соработка во геополитички и економски план,но според американската страна,приоритет останува постигнувањето на мир во Украина пред да се разгледаат други аспекти на односите меѓу двете земји.
По завршувањето на разговорите, американскиот советник за национална безбедност Мајкл Волц посочи дека суштината на секоја дебата ќе се базира на територијалните и безбедносните аспекти. Тој потенцираше дека целта е да се постигне траен мир,а не само привремено примирје,како што било случај во минатото.




