Рубин Земон, по жестоките критики, се повлече од Извршниот одбор на СДСМ.

Кратко беше влијанието на Рубин Земон во партијата. По само неколку месеци од неговото назначување како член на Извршниот одбор на СДСМ, Земон одлучи да поднесе оставка. Оваа одлука следуваше по бурните реакции и критики од јавноста поради неговите неодамнешни активности и изјави.

„Сакајќи да го заштитам угледот на СДСМ од непринципиелните напади кон мене, кои ги вклучија и моето семејство, со цел да не бидам оптоварување во борбата на партијата против оваа власт, поднесувам оставка како член на Извршниот одбор на СДСМ“, напиша Земон на својата Фејсбук страница.

Притисокот над него особено се зголеми по објавувањето на фотографија од неговата средба со бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, претседател на таканаречената „Фондација Македонија“. Стојанов има забрана за влез во Македонија и кривична пријава за ширење говор на омраза кон државата и народот.

Земон се обиде да ја оправда ситуацијата, изјавувајќи дека Стојанов случајно седнал со него и неговиот син, и дека разговарале за односите помеѓу двете држави. Предходно, тој беше остро критикуван за неговата изјава дека „Гоце Делчев бил само мит и не направил ништо значајно за Македонија.“ По острите реагирања, Земон се извини, тврдејќи дека неговите зборови биле извадени од контекст и погрешно интерпретирани. Тој нагласи дека не имал намера да го минимизира или навреди значењето на историската фигура и делото на Делчев.