Рот: Војната на Путин го загрозува и Западен Балкан, Бугарија да ја тргне блокадата

„Рускиот напад на Украина, не го доведува во прашање само опстанокот на земјата, туку ја загрозува и цела Источна Европа, но и стабилноста на Западен Балкан“, изјави денеска претседателот на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот – Мајкл Рот.

„Путин не само што војува против Украина, туку и го доведува во прашање правото на постоење на источноевропските држави. Тоа, исто така, ја торпедира и европската перспектива на Западен Балкан“, предупреди Рот, истакнувајќи дека Европската унија сега е на тест на докажување на својата веродостојност и одржување на одамна дадените ветувања.

Тој појасни дека затоа треба да бидат решени сомнежите за пристапувањето на Албанија и на Северна Македонија во Унијата, па ја повика Бугарија да запре со блокирање на процесот.

Прочитајте и:  Украина во Курск изгубила 36.850 војници, 225 тенкови и 11 „ХИМАРС“ системи - тврди Москва

За Косово, Рот предложи што побрза визна либерализација, а во однос на Босна и Херцеговина предупреди на сепаратистичките тенденции што му се закануваат на опстанокот на земјата, алудирајќи на политиката на српскиот член на Претседателството БиХ – Милорад Додик.

Тој, со отворена руска поддршка, веќе со месеци најавува и презема конкретни чекори што водат кон издвојување на Република Српска од уставно-правниот поредок на БиХ. Русија исто така му дава поддршка на Додик во оспорување на мандатот на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ – Кристијан Шмит.

„Треба да се запрат сепаратистите во Босна и Херцеговина, што поскоро“, порача Рот.

Извор: МИА

- Реклама -