Инспекции во Романија: Отстрането месо сомнително за африканска свинска чума
Инспектори од Дирекцијата за санитарни, ветеринарни и безбедносни прашања за храна во романскиот град Бузеу отстранија 1,2 тона месо од продажба, за кое постои сомнеж дека е индицирано со вирусот на африканска свинска чума, извести телевизијата Диџи24.
Во текот на јуни, реализирани се над 300 инспекции кај економските оператори во целиот синџир – од производството до самата продажба. Овие контроли се спроведени за да се провери усогласеноста со основните хигиенски услови, барањата за следливост и правилното етикетирање на прехранбените производи.
„По завршените проверки утврдивме структурни недостатоци, недостаток на здравствени проверки, непостоење на мониторинг на температурата во ладилниците, и проблеми со етикетирањето и управувањето со храната. Како резултат на овие неправилности, беа изречени шест парични казни во вкупна вредност од 33.600 леи (околу 13.000 лева) и издадени 23 предупредувања“, изјави Дирекцијата.
Дополнително, беа собрани над 380 примероци од храна за утврдување на нивната усогласеност со законските регулативи.
Само минатата недела, вирусот на африканската свинска чума беше потврден на две фарми во областа Бокша, во југозападна Романија. Локалниот центар за контрола на болести спроведе строги мерки за контрола и превенција, вклучувајќи воспоставување на зона за набљудување со радиус од десет километри, што ги опфаќа и блиските ловишта.
Африканската свинска чума е вирусно заболување кое не се пренесува на луѓето и не претставува ризик за јавното здравје, но создава значителни економски загуби во сточарството, нагласуваат романските медиуми.




