Родри и Винисиус меѓу номинираните за најдобар фудбалер во избор на ФИФА

Родри од Манчестер Сити и Винисиус Јуниор од Реал Мадрид се меѓу номинираните за најдобар светски фудбалер во 2024 година во избор на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

Како што соопшти денеска ФИФА, меѓу номинираните за наградата „The Best Fifa Football Awards“ се и Дани Карвахал (Реал Мадрид), Ерлинг Халанд (Манчестер Сити), Федерико Валверде (Реал Мадрид), Флоријан Вирц (Баер Леверкузен), Џуд Белингем (Реал Мадрид), Килијан Мбапе (ПСЖ/Реал Мадрид), Ламин Јамал (Барселона) и Тони Крос кој играше за Реал Мадрид, но ја заврши кариерата на крајот од минатата сезона. Единствениот кандидат кој не игра во Европа е Лионел Меси од Интер Мајами.

Родри на крајот на октомври ја освои престижната Златна топка, која Франс Фудбал ја доделува на најдобриот играч од претходната година, а во финалето на тоа гласање беше подобар од Винисиус, чиј клуб во знак на протест ја бојкотираше церемонијата.

Во женска конкуренција ФИФА номинираше 16 кандидатки за најдобра фудбалерка во 2024 година, меѓу кои се добитничката на „Златната топка“ Ајтана Бонмати (Барселона), Лорен Хемп (Манчестер Сити), Луси Бронзе (Барселона/Челзи) и Барбара Банда (Орландо).

Во категоријата тренер на годината се номинирани Карло Анчелоти (Рел Мадрид), Лионел Скалони (Аргентина), Луис де ла Фуенте (Шпанија), Пеп Гвардиола (Манчестер Сити) и Чаби Алонсо (Баер Леверкузен).

Меѓу номинираните за најдобар голман се Андреј Лунин (Реал Мадрид), Давид Раја (Арсенал), Едерсон (Манчестер Сити), Емилијано Мартинез (Астон Вила), Џанлуиџи Донарума (ПСЖ), Мајк Мањан (Милан) и Унај Симон (Атлетико Билбао).

Во изборот на годишните награди на ФИФА подеднакво учествуваат навивачите, капитените, селекторите на машките и женските репрезентации, како и новинарите.

Гласањето на официјалниот сајт Fifa.com ќе трае до 10 декември на полноќ.

- Реклама -