Родителите на загинатите во „Пулс“ се огласуваат за текот на судската постапка

Семејствата на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ на протестниот марш под наслов „Марш за ангелите“ побараа јасна реакција во врска со динамиката на судењето, која, наместо како што им беше ветено, да се одржува по две рочишта неделно, во реалноста се случува само две или три пати месечно.

Тие апелираа судските органи да ги контролираат лекарските оправдувања кои доведуваат до одложување на рочиштата, без да се знае дали документите се валидни или не.

– Пред почетокот на судењето слушнавме јасни ветувања. Ветивте дека ќе има две рочишта неделно, дека нема да има одлагања без оправдани причини и дека лекарските оправдувања ќе бидат строго контролирани — нивната точност и дали навистина одговараат на фактичката состојба на обвинетите. Вашето обвинителство се обврза дека нема да дозволи ниту едно рочиште да пропадне поради неосновани причини, особено во случаи на обид за одолговлекување на постапките. Тоа беа ваши зборови и гаранции кон нас — родителите. Денес, прашуваме: каде се тие ветувања? Набљудуваме одложувања и оправдувања. Во јануари имавме само едно рочиште. Во февруари досега две, а до крајот на месецот е закажано уште едно — доколку воопшто се одржи. Токму затоа прашуваме: каде е ветената динамика? Каде е најавеното темпо од две рочишта неделно? Гледаме обвинети кои одеднаш, од здрави, стануваат „болни“ и поднесуваат медицинска документација за која не знаеме дали е основа или не. Ова буди сомнеж дека таквите дејства се заговор за одложување на постапките, изјави Александар Наунов, татко на починатата Надица.

Наунов истакна дека постојат информации за привилегии во притвор, што според законот не смеат да постојат.

– Слушаме информации за привилегии што не смеат да постојат. На првоосомничениот му е пронајден телефон во ќелијата — и сè завршило со опомена. Се поставува прашањето: дали навистина се врши редовна контрола во притворот? Што се случува со телефоните на првоосомничениот? Дали се исцрпени сите можни комуникации? И уште поважно – дали е прифатливо лице осомничено во ваква трагедија да заврши само со опомена, или требаше да следи казна со краток престој во самица? Ова создава неповерење и отвора сомневање. Бараме одговори. Слушаме и за пронајдени недозволени предмети и за комуникации што не треба да постојат. Гледаме сведок кој дава изјава различна од онаа пред обвинителството. Прашуваме — што се случува со лицата кои лажно сведочат?, додаде Наунов.

Прочитајте и:  Френк Лампард, по 25 години, го доведе Ковентри назад во Премиер лигата.

На протестниот марш беше нагласено дека изјавата на сведокот пред обвинителството се разликува од таа пред судот, што е кривично дело. Прашаа дали е покрената постапка и дали случајот е документиран, проверен и обработен.

– За сите оние кои однапред тврдат дека случајот „Пулс“ е толку „климав“ што ќе пропадне — нека запомнат: под тие скали не лее предмет, не е само бројка или статистика. Под тие скали лежат 63 млади животи, 63 недоискажани соништа, 63 светови кои згаснаа за миг. 63 семејства кои никогаш повеќе нема да бидат целосни. Тоа не се имиња на лист хартија. Тоа се свети имиња, достојни за почит, достоинство и вистина. Ниту еден збор изговорен предвреме, ниту една проценка или пресметка за „климавост“ не смеат да ја надминат нивната тежина. Ние, родителите, внимателно следевме вашите ветувања. Сега внимателно гледаме што правите. Разликата боли. Затоа порачуваме јасно: ако ветивте динамика — покажете ја. Ако ветивте контрола — исполнијата. Ако ветивте правда — испорачајте ја. Нашето трпение е на крај. Но нашата борба за правда не запира. Ќе следиме, ќе прашуваме, ќе зборуваме. Правда за „Пулс“ мора да се оствари. Без одлагања, без изговори, без компромиси, заврши Наунов.