Одложена главната расправа за трагедијата во „Пулс“
Главната расправа во случајот „Пулс“, која требаше да се одржи утре, е одложена, а постапката ќе продолжи на 26 јануари. Одлагањето следи по барање на адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, која е бранителка на еден од обвинетите, а вчера беше избрана за членка на Судскиот совет. Поради новата функција, таа не може да продолжи со адвокатската практика, што доведе до одлука на судот да им овозможи на обвинетите да ангажираат нови бранители и да добијат време за запознавање со предметот.
Основниот кривичен суд во Скопје соопшти дека одложувањето се однесува само на рочиштето за утре, а сите досега одржани расправи и изведени докази остануваат во сила. Постапката ќе продолжи на претходно утврдената дата – 26 јануари.
На вчерашната седница на Собранието, Сузана Јошевска-Анастасовска беше избрана за членка на Судскиот совет, заедно со вонредната професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ, по предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Тековната постапка за „Пулс“ е во доказна фаза и имаше за цел да продолжи со сослушување на законските застапници на оштетените. Сите 35 обвинети изјавија на почетокот на судењето дека не се чувствуваат виновни за трагедијата, иако дел од нив изразија сочувство кон семејствата на жртвите.
Во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека целта на постапката е да се утврди и индивидуална и институционална одговорност. Тој нагласи дека трагедијата не е последица само на еден настан, туку и на долготрајни системски пропусти и недостиг на соодветна контрола. Одбраната, пак, тврди дека станува збор за институционален неуспех, а не за индивидуална вина.
Пожарот избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на музичката група „ДНК“, кога во објектот имало повеќе посетители од дозволеното. Исто така, биле користени пиротехнички средства без соодветно одобрение, а дискотеката работела без исполнети минимално-технички и противпожарни услови.




