Градот Скопје, по првпат, ќе биде домаќин на едно од најзначајните младински спортски натпреварувања – Светското училишно првенство во ракомет 2026. Овој настан ќе се одржи од 21 до 29 април, под организација на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, со поддршка од Министерството за спорт.
Со овој престижен настан, нашиот главен град ќе се претвори во центар на светскиот младински ракомет, обединувајќи млади спортисти од различни краеви со цел да се промовираат спортските вредности, фер-плејот и меѓународното пријателство.
Свеченото отворање на првенството ќе се одржи на 21 април, со почеток во 19:30 часот на Плоштад Македонија. На отворањето ќе биде организирана богата културно-уметничка програма, каде ќе учествуваат сите репрезентации.
Овој настан ќе означи официјален старт на шампионатот, кој ќе донесе вистинска спортска атмосфера во главниот град.
На натпреварот ќе учествуваат 23 машки и 16 женски екипи од 21 делегација од различни држави, кои ќе се натпреваруваат во шест спортски сали во Скопје: СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“. Финалните натпревари ќе се одиграат на 28 април во спортската сала „Расадник“, кога ќе се одржи и свеченото затворање на првенството.
Овој значаен спортски настан ќе остави траен белег во развојот на училишниот спорт.
Во рамките на првенството, на 25 април ќе се одржи „Културен ден“, посветен на културна размена, каде учесниците ќе можат да се запознаат со нашето културно и историско наследство. Исто така, истата вечер ќе се реализира „Ноќ на нациите“, настан каде делегациите ќе ги претстават своите земји преку традиција, музика и гастрономија, поттикнувајќи пријателство и меѓусебно разбирање.
– Исклучително сме горди што Македонија е организатор на оваа престижна манифестација. Ракометот, како спорт со длабока традиција во нашата земја, има посебно местo во срцата на граѓаните и е значаен дел од нашиот спортски идентитет. Искрена благодарност до Министерството за спорт за поддршката и до Светската федерација за училишен спорт за довербата. Македонија не само што е домаќин на спортско натпреварување, туку и на младоста, енергијата и иднината на светот. На едно место се обединети млади спортисти од целиот свет, со различни јазици, култури и традиции, но со една заедничка вредност – љубовта кон спортот, изјави претседателката на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска.



