Според она што го пренесуваат бугарските медиуми, Радев мислел на Договорот за добрососедство и на „договорите кои земјата (Северна Македонија н.з.) ги има со Европската унија“
Радев имал и средба со албанскиот премиер Еди Рама, на кого му честитал за успешно спроведениот попис, кој им дал шанса на Бугарите во Албанија слободно да ја искажат својата припадност. На последниот попис во Албанија се регистрирани само 2 281 Македонец и за првпат, 7 957 Бугари, за кои македонските здруженија во Албанија обвинуваат дека се Македонци кои земале бугарски пасош и биле под притисок да се попишат како Бугари
Бугарскиот претседател Румен Радев имал средба со премиерот на Северна Македонија на Самитот на Европската политичка заедница кој се одржува во Обединетото Кралство, објавија попладнево дел од бугарските медиуми. Дека имало средба, попладнево објави и премиерот Христијан Мицкоски.
Но, за разлика од Мицкоски кој не соопшти и детали што разговарал со Радев, бугарските медиуми пренесуваат барем по неколку реченици за разговорот, се разбира од перспектива на тамошниот претседател.


„За време на разговорите со премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, Радев изразил надеж дека Северна Македонија ќе го забрза спроведувањето на билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и договорите кои земјата ги има со Европската унија, со што ќе се отвори перспективата за почеток на преговори за полноправно членство со ЕУ“,
пренесува агенцијата БТА.
Во својата изјава по средбите со повеќе државници, меѓу кои и со Радев, Мицкоски не соопшти детали. Во видео обраќање само кажа дека односите со Бугарија се „главен приоритет“.


„Главен приоритет на Македонија и на новата македонска Влада претставуваат добрососедските односи и конечно наоѓање трајно и одржливо решение за проблемот којшто го имаме со нашиот источен сосед“,
кажа Мицкоски во видео обраќање.
Од изјавата и на Мицкоски и на Радев не може да се заклучи во каква атмосфера поминала средбата, особено ако се знае и ставот на македонскиот премиер кој пред само два дена, во интервју за ТВ Сител, изјави дека не може Бугарите да влезат во Уставот на Северна Македонија како што земјава се обврза, ако Бугарија не ги спроведе препораките на Европскиот суд за човекови права и да им даде колективни права на Македонците во земјата. Бугарија досега се брани дека според нивниот устав, не доделуваат колективни права во тој поглед, туку само индивидуални. Познати се и ставовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за репреговарање на преговарачката рамка со ЕУ.
Радев за Бугарите во Албанија и во Косово
Прашањето за правата на Бугарите во Северна Македонија и на Македонците во Бугарија не се единствените спорни прашања меѓу Скопје и Софија, па со тоа и потенцијално спорни точка за разговор.
Албанија лани спроведе попис. Како што известуваше и „360 степени“, дел од тамошното население кое досега се изјаснуваше дека е со македонско етничко потекло тврдеше дека е под притисок да се попише како со бугарско потекло. Причината беше многу едноставна. Со години, Бугарија дава пасоши, можности за студирање и лекување, а за да се добие бугарски пасош потребно е да се декларира бугарска самосвест.
По завршувањето на пописот, Албанија објави дека во земјата има 2 281 Македонец и, за првпат, 7 957 Бугари. Пред само две недели Мицкоски ја обвини претходната власт дека оставила простор за туѓи пропаганди, јасно кажувајќи дека тоа се однесува на бугарската држава.
Додека нема информации дека прашањето било отворено меѓу Радев и Мицкоски, јасно е дека бугарскиот претседател разговарал за пописот со албанскиот премиер, Еди Рама. 24 часа, пренесува дека бугарскито претседател Румен Радев му честитал.
„Бугарскиот Шеф на државата му честиташе на премиерот на Албанија, Еди Рама, за националниот попис, истакнувајќи дека бил спроведен транспаретно, согласно демократските стандарди, и дека им дал можност на тамошните Бугари слободно да го ползуваат своето право на самоопределување“,
пренесува медиумот.
И не само со Еди Рама, бугарска Нова ТВ пренесува посебен текст за средбата меѓу Румен Радев и претседателката на Косово, Вјоса Османи. И на таа средба станало збор за правото на самоопределување на Бугарите, на Косово.


„Претседателот ја изрази својата благодарност за пристапот на Косово кон заедниците, во согласност со европските демократски стандарди. Тој и Османи се согласија околу ставот дека гарантирањето на правото на самоопределување е меѓу темелите на демократијата.
Румен Радев изрази надеж дека процесот на потврдување на статусот и можностите за целосно остварување на правата на бугарската заедница во земјава и нејзин развој ќе продолжи како реален фактор за последователно зајакнување на односите меѓу двете земји“,
пренесува Нова ТВ.
„360 степени“ во неколку наврати известуваше и за активностите на Бугарија во областа Гора на Косово. Лани, во февруари, бугарската потпретседателка отвори бугарски клуб. Од изјавите стана јасно дека официјална Софија гледа на Гораните како на Бугари. Северна Македонија, пак, на нив гледа како на Македонци.
Кога го посетивме местото неколку месеци подоцна, клубот беше затворен, а не можевме да најдеме и ниту еден претставник на здружението во селото. Човекот што и беше домаќин, наводно живеел во Белград. Но, ништо од тоа не е пречка за Софија да продолжи со притисокот кон Приштина за правата на Бугарите на Косово.