Како iPhone на преклоп може да се разликува на пазарот

Фото: Генерирано од Copilot

Во најновиот неделен билтен, Марк Гурман уште еднаш направи кратка анализа за очекуваниот преклопен iPhone, кој можеби би го добиле наредната година според тековните информации. Тој нагласува дека овој уред ќе биде презентиран на есенскиот настан, заедно со останатите iPhone модели, а Apple ќе го постави како уред од повисоката класа, но нема да биде претставен како сосема нова категорија. Според Гурман, компанијата не сака да го следи патот на конкурентите кои ваквите уреди ги претставуваат како целосно нова категорија.

Оваа информација дополнително може да се поврзе со уште една неофицијална изјава дека Apple планира да воведе два настани годишно за презентирање на нивните телефони. Оваа новина би можела да отпочне од следната година, што значи дека во септември 2026 година можеме да ги видиме iPhone 18 Pro, iPhone 18 Pro Max и преклопниот iPhone, додека послабите модели заедно со iPhone 18e би биле промовирани околу март 2027 година.

Гурман продолжува со нагласување дека преклопниот iPhone ќе има две особини што ќе го издвои од конкуренцијата. Едната, за која веќе сме читале, е тоа што линијата каде што екранoт се превиткува ќе биде речиси невидлива. Втората е поврзана со квалитетот на механизмот за преклопување, кој ќе биде на многу повисоко ниво.

На крајот, Гурман накратко споменува дека постои можност овој телефон да биде одложен и пуштен на пазарот во 2027 година доколку се појават компликации во процесот на развој и производство, кои можат да бидат доста обемни и предизвикувачки.