Путин: Украина не е исклучена, повикувам на преговори

Путин: Украина не е исклучена, повикувам на преговори

Рускиот претседател Владимир Путин во средата ја оцени како позитивна средбата меѓу претставници на Русија и САД што се одржа во Саудиска Арабија, нагласувајќи дека Украина нема да биде оставена надвор од евентуалните преговори за ставање крај на конфликтот, пренесува „Ројтерс“.

Тој укажа на тоа дека без засилување на взаемната доверба меѓу Москва и Вашингтон, невозможно е да се пронајде решение за многу прашања, вклучително и за ситуацијата во Украина. Според него, токму зајакнување на довербата било главниот мотив за одржување на оваа средба. Првиот негов коментар дојде по разговорите што се одржаа во вторник во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.

Изостанокот на Украина и европските земји од овие разговори предизвика загриженост кај нивните власти, кои стравуваат дека евентуален договор меѓу Москва и Вашингтон би можел да ги занемари нивните суштински интереси. Сепак, Путин потенцираше дека Русија никогаш не избегнувала дијалог ниту со европските држави ниту со Киев, туку, напротив, тие биле тие што одбивале да разговараат со руската страна.

„Не принудуваме никого на ништо. Ние сме подготвени – ова го имам нагласено безброј пати – доколку има волја, нека се одржат тие разговори. Спремни сме да се вратиме на преговарачката маса. Украина не е исклучена“, истакна рускиот претседател.

Дополнително, тој нагласи дека не гледа причина за „хистерични“ реакции во однос на овие разговори меѓу САД и Русија.