„Пулс“ никогаш не била на контролна листа, тврди поранешниот директор на ДЗС за неавтентични потписи.

На денешното рочиште во врска со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Обвинителството презентираше документи кои, според обвинението, укажуваат на значителни пропусти во функционирањето на Дирекцијата за заштита и спасување и во планирањето на инспекциските контроли на објекти со зголемен пожарен ризик.

Презентирани беа годишни програми, квартални планови за инспекциски надзор и други службени документи од времето кога Дирекцијата ја водел Шабан Салиу. Според обвинителството, од документите произлегува дека дискотеката „Пулс“ и други потенцијално ризични објекти во Кочани не биле вклучени во плановите за надзор.

Обвинителката истакна дека во 2015 година во Кочани немало назначен инспектор за редовни или вонредни контроли. И покрај тоа што инспектори од Скопје спровеле една контрола во општината, таа била реализирана во објект со низок ризик, додека објектите со можност за пожар останале без надзор.

Во текот на рочиштето беа разгледувани и документи од 2012, 2013, 2014 и 2016 година, од кои произлегува дека Дирекцијата немала јасни критериуми за процена на ризикот кај одредени категории објекти. Иако во плановите биле опфатени хотели, мотели и ресторани, дискотеки и кабаре-клубови, кои примаат голем број луѓе, не биле вклучени.

Посебно внимание предизвика реакцијата на обвинетиот Шабан Салиу, кој тврди дека некои од потписите на документите не се негови, иако неговото име стои на нив. На прашањето од судот дали тоа значи дека е можно фалсификување на потписот, неговата одбрана објави дека ќе се произнесе дополнително во текот на постапката.

Прочитајте и:  Во Европската Унија има 15,7 судии на 100.000 жители, а Македонија располага со 20,1.

По рочиштето, реакција даде и Александар Наунов од здружението „16 Март“, кој оцени дека сведочењето отвора сериозни дилеми поврзани со функционирањето на институцијата. „Ако тие документи биле усвоени и по нив институтот постапувал со години, тогаш прашањето не е само кој потпишувал, туку како функционирал целиот систем. Каде била контролата, ако некој можел да потпишува во име на директорот?“ изјави Наунов.

Во овој случај се обвинети четворица поранешни директори на Дирекцијата – Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути и Џевад Селами. Обвинителството се обидува да докаже дека постоеле системски пропусти во планирањето и имплементирањето на инспекциските контроли, што резултирало со оставените ризични објекти надвор од институционалниот надзор.

Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Оваа трагедија постави многу прашања во однос на почитувањето на безбедносните стандарди и одговорноста на институциите задолжени за заштита и спасување.