Независниот театар „Штрих“ со задоволство ја објавува премиерата на својата петта продукција — претставата „Првиот Македонец во вселената“, авторски проект на Борис Василески. Претставата ќе се одигра на 30. и 31. мај во Public Room, Скопје, со почеток во 20 часот.
За претставата
„Првиот Македонец во вселената“ не е приказна за вселената. Тоа е длабока метафора за едно многу човечко чувство — идејата дека човекот и неговата татковина можат да исчезнат, не поради уништување, туку бидејќи престануваат да веруваат во својата иднина.
Претставата поставува прашања за амбицијата, невидливоста, осаменоста и потребата да се погледне нагоре — дури и кога околината нè убедува дека е тоа смешно. Тоа е епопеја за остварувањето на соништата од кои сме се откажале, за потиснатите амбиции на малите народи и за последиците од нивното исполнување.
„Оваа претстава произлезе од едно наивно, речиси детско прашање: што би се случило ако еден Македонец навистина поверува дека може да стигне до вселената? Не како шега. Не како метафора. Туку како вистинска потреба — човек да се ослободи од просторот во кој постојано му се вели дека е мал и невозможен,“ вели Борис Василески, авторот и режисер.
Театарот низ историјата обработува многу различни теми на различни начини. Сега, пред нас е предизвикот како да претставиме една национална тема во жанр на научна фантастика, нешто што е секојдневно, но истовремено и далечно. Како да се соберат вековните надежи на народот, да се вткаат во еден човек и да се испратат на шестостотини милиони километри од Земјата, од хаосот директно во космосот? Одговорот лежи во тестирањето на физичките граници на театарот, но, пред сè, во свесноста за тоа кои сме и каде сме сега, но и кои и каде сакаме да бидеме во иднина. Кога сите овие аспекти ќе се спојат, „Првиот Македонец во вселената“ станува епопеја за остварување на соништата од кои сме се откажале, за амбициите на малите народи и за последиците од нивното исполнување,“ додава Марио Стојаноски, драматург.
Уметнички тим
Автор и режисер: Борис Василески | Продуцент: Андреа Маркоска | Драматург: Марио Стојаноски | Музика и дизајн на звук: Ади Имери | Сценографија: Ненад Тонкин | Костимографија: Марта Дојчиновска | Видео-анимација: Артериа Емил Петро | Графички дизајн: Даница Јанковиќ
Актерска постава
Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Ава Хусеини, Јанка Лефкова,
Ана Грамосли / Вера Тошева
Проектот е кофинансиран од Европската Унија во рамките на Програмата за финансиска поддршка на граѓанското општество и медиумите на Западен Балкан IPA III, преку проектот „Област на помирување“, координиран од Фондацијата Нови Сад — Европска престолнина на културата.
Премиера: 30 и 31 мај 2026 | Public Room, Скопје | 20:00 часот | 600 денари | билетите можете да ги набавите на tix.mk




