„‘Скопје 2028’ не се остварува само со визија, туку и со труд, посветеност и доверба. Затоа, Град Скопје објави првиот јавен повик за финансирање културно-уметнички проекти во рамките на програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Со отворањето на овој конкурс, Скопје влегува во нова фаза, во која идеите треба да се реализираат како одржливи и европски релевантни културни проекти. Проекти кои не само што ќе живеат една година, туку ќе остават трајна вредност во градот, во заедниците и во целокупниот културен екосистем“, истакнуваат од Град Скопје.
За таа цел, уште еднаш нагласуваат дека бараат проекти со силен концепт, јасна европска димензија, општествена и културна вредност, професионална реализација и подготвеност за работа во комплексен и динамичен процес.
Првата фаза на селекција на аплицираните проекти ќе ја спроведе независното тело „Скопје 2028“, врз основа на формалните и квалитативните критериуми утврдени во јавниот повик.
Втората фаза на селекција ќе ја спроведе главното жири, кое ќе биде составено од двајца домашни експерти, уметничкиот раководител и два меѓународни експерти од Европската Унија, согласно стручните насоки добиени по консултација со администрацијата во Брисел.
„Европска престолнина на културата не е место за импровизација. Тоа е заедничка обврска кон Европа, која покажува дека знаеме да создаваме, да управуваме и да реализираме квалитетни културни програми. Доколку сте културна институција, организација, уметник, креативен колектив или професионалец кој верува во моќта на културата да ги менува градовите, ова е вашиот момент“, се вели во соопштението од Град Скопје.
Од таму нагласуваат дека ова е само еден од неколкуте повици кои ќе бидат објавени во иднина.




