Нашиот музичар и мултимедијален уметник Виктор Танасковски го презентира својот прв соло проект, албумот „Друм“, со што отвора ново поглавје во својата уметничка кариера. Овој проект не е само музичко издание, туку сложен уметнички израз кој ја комбинра звукот, импровизацијата и истражувањето, како дел од неговата докторска работа.
Албумот „Друм“ е резултат на слободна импровизација, снимен на 17 февруари 2026 година на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во рамките на Академска сцена. Овој концерт е важен дел од истражувачкиот процес за докторските студии на Виктор Танасковски на Универзитетот за уметности во Белград. Идеите развиени во текот на перформансот ќе служат како основа за неговото завршно синкретично дело.
Албумот „Друм“ се одликува со силна авторска нишка, каде импровизацијата не е само музичка техника, туку средство за истражување и комуникација. Танасковски, преку звукот, создава простор за дијалог меѓу различни уметнички дисциплини, што е препознатливо во неговиот досегашен опус.
Неговиот музички пат започнува уште во тинејџерските години, кога љубовта кон гитарата преминува од хоби во страст. На само 16 години основа свој прв бенд, а подоцна се впушта и во подучување, што го воведува подлабоко во музичката теорија и практика. Потрагата по пошироко музичко знаење го води кон студии по џез, каде ги проширува своите хоризонти во хармонија, композиција и импровизација.
Танасковски е автор на неколку значајни музички проекти во текот на годините. Со бендот Minstrel’s Gallery ги издава албумите „Ignorance Leads to Ruin“ (2016) и „To…“ (2018), инспирирани од прогресивниот и арт рок, како и од фолк и средновековна музика. Потоа го формира дуото Alembic, кое се движи во водите на shoegaze и post-rock звукот, со деби албум во 2022 година. Во овој период, работи и на нови експериментални проекти со триото Improof.
Покрај музиката, Танасковски активно учествува и како организатор на културни настани во Скопје. Тој е иницијатор на настани како „Acoustic Breakfasts“ и мултимедијалниот фестивал „Sinestetika“, како и подкастот „DEMObilizacija“, посветен на локалната музичка сцена. Неговото образование во областа на применетите музички истражувања дополнително ја продлабочува неговата улога во продукцијата, анализата и развојот на културни проекти.
Визуелната уметност исто така игра важна улога во неговото творештво. Од рана возраст се занимава со цртање и сликање, а овие елементи често ги интегрира во своите настапи преку проекции, акционо сликање и визуелни концепти поврзани со музиката. Во 2023 година ја објавува својата прва поетска книга „At an acute angle“, придружена со краток филм и аудио-визуелно дело.
Во „Друм“, сите овие искуства се спојуваат во едно автентично уметничко сведоштво.
За визуелниот идентитет на проектот и видеото, задолжена е Ива Дамјановски, чии придонеси дополнително ја надополнуваат естетиката на ова дело.
Албумот „Друм“ е достапен за слушање на YouTube и Bandcamp, нудејќи на слушателите уникатно, длабоко и експериментално аудио-визуелно искуство.



