„Протестите открија кој е за, а кој против ЕУ“, велат од ДУИ

„Насилните протести деновиве се објективен одраз на тенденциите за дезориентација на земјата од европскиот пат и јасно демаскирање на регресивните сили кои не штедат средства да ја спречат земјата во остварувањето на сонот за европска интеграција“, велат од ДУИ за протестите против францускиот предлог и мистериозниот билатерален протокол со Бугарија поради кои граѓаните веќе една недела протестираат, загрижени дека понудената преговарачка рамка (благо речено) остава простор за негирање на македонскиот идентитет и посебност и мешање на Бугарија во сфери каде не би смеела да се меша.

„Во решавачките моменти за доброто на земјата и граѓаните, ДУИ заедно со коалициските партнери е силно позиционирана на страната за стабилност и напредок на земјата, без друга алтернатива, онаa за партнерство со Европската Унија и Соединетите Американски Држави“, велат интегративците.

„Секое изразување на насилство не може да ги исплаши граѓаните со кои заедно во овие две децении ги изградивме темелите на здравото општество преку, Охридскиот договор за еднаквост и меѓусебно почитување, Договорот од Преспа кој ни ги отвори вратите на НАТО и решавањето на спорот за автокефалноста на Православната црква“, се вели во соопштението.

Денес сме соочени со предизвикот дали сме за Европската унија или против неа, а протестите тоа веќе го разјаснија, сметаат од ДУИ.

„Група регресивни партии кои беа против каков било напредок продолжуваат да останат лојални на политики кои во суштина се антиевропски, анти-НАТО, против соживотот и го користат секој механизам, оној на насилство и пропаганда, создавајќи конфузија и лажни впечатоци за францускиот предлог кој овозможува деблокирање на нашиот европски пат.

По сите тие напори и тој скептицизам демантиран со големи достигнувања, Демократската унија за интеграција апелира до сите граѓани да се позиционираат во прогресивниот и проевропскиот табор, бидејќи предлогот поддржан од 27-те земји членки на ЕУ не го нарушува националното достоинство и нивниот јазичен, културен и историски идентитет.

Време е да застанеме заедно за триумфот на праведната кауза на интеграцијата на земјата во ЕУ!“, порачуваат од Демократската унија за интеграција.

- Реклама -