Пронајден мртов руски генерал: Бил важна личност за хемиското вооружување.

Рускиот генерал-полковник Станислав Петров, поранешен командант на руските сили за радијациска, хемиска и биолошка заштита, е пронајден мртов во својот стан во Москва, јавуваат странски медиуми, повикувајќи се на првични информации. Според известувањата, 87-годишниот пензиониран генерал бил откриен од своите близки во раните утрински часови на 2 април, во познатата зграда „Куќа на насипот“. Полициски извори наведуваат дека покрај телото бил пронајден пиштол, а првичните информации укажуваат на можноста за самоубиство.

Медицински извори истакнуваат дека Петров во последно време се соочувал со тешка болест. Тој беше значајна воена личност во областа на хемиската одбрана и последен командант на советските сили за хемиска заштита до 1992 година. По тоа, раководел со новооснованите руски единици за радијациска, хемиска и биолошка заштита до 2001 година.

Прочитајте и:  Интензивни преговори за Иран: Венс се собра со премиерот на Катар

По пензионирањето, Петров остана активен во воено-научниот сектор, работејќи како главен уредник на стручно списание и истражувач во военонаучен центар при руското Министерство за одбрана. Неговата смрт доаѓа во контекст на зголемени меѓународни тензии и обвинувања поврзани со употреба на хемиски агенси во воениот конфликт во Украина, при што дел од институциите за кои работел се под меѓународни санкции. Случајот е предмет на понатамошна истрага од страна на руските власти.