На 24 декември, во 13 часот, во „Бистро“ (Театар „Комедија“) ќе се одржи промоцијата на збирката раскази „Не правете го тоа во мојот автомобил“ од Емил Крстески, издадена од „Или-Или“.
На настанот, расказите ќе ги претстави писателот Александар Прокопиев, а извлечоци од нив ќе прочита актерката Калина Наумовска.
„За какви раскази всушност станува збор? Кога поранешната жена на нараторот од последниот расказ прашува: ‘Зошто пишуваш такви раскази?’, и кога јас уште во насловот на поговорот ги опишувам како вакви? Станува збор за лични, сочни, искрени, полнокрвни и жуборливи раскази, понекогаш дури и смели и провокативни; автофикциски патувања низ сопствените, но и туѓите животи. Овие раскази спојуваат реалност и фикција, документаризам и патеписи, со недвосмислена прозна амбиција, но истовремено носат лежерен и дневнички тон“, вели писателката и книжевна критичарка Оливера Ќорвезироска во поговорот од книгата.
Авторот Емил Крстески е политиколог, прозаист и сликар, доктор по политички науки. Досега има објавено шест книги од областа на меѓународните односи и две збирки раскази: „Три дена во Париз“, која е преведена на српски јазик и промовирана во Нови Сад, Шибеник и Прага, и „Флик ен флак“. Има организирано три самостојни изложби и учествувал на две групни. Бил државен советник во Кабинетот на Претседателот на Собранието, директор на Државниот архив и наш вонреден и ополномоштен амбасадор во Чешката Република. Четири години живеел во Стразбур, каде ги следел сесиите на Европскиот парламент, и три години во Њујорк, за време на изготвувањето на својата докторска дисертација.




