Министерството за внатрешни работи соопшти дека рано утрово, во 01.35 часот, на раскрсницата помеѓу магистралниот пат Кичево – Охрид и улицата „Железничка“ во Кичево, полициските службеници од ОВР Кичево го задржале М.А.(39) од кичевското село Шутово. По извршената сообраќајна контрола, тие сопреле возило „фолксваген венто“ со кичевски регистарски ознаки, кое го возел задржаниот, и утврдиле дека е под влијание на алкохол со 1,80 промили во крвта. Возачот бил веднаш исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица. По целосно разјаснување на случајот, ќе следи кривична пријава за „безобѕирно управување со моторно возило“ според член 297 – а од Кривичниот законик.