Приведен Ексдиректорот на СОЗР, Пеце Мирчески

Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Пеце Мирчески денеска попладне бил приведен во полициската станица „Пролет“, потврдиле за МИА од Управата за финансиска полиција.

Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Пеце Мирчески / Фото: Фејсбук-профил на Пеце Мирчески
Приведувањето на Мирчевски следи откако Финансиската полиција во координација Основното јавно обвинителство Скопје денеска против него поднесе кривична пријава со која тој се товари за четири кривични дела.

Имено, Мирчески се товари за примање поткуп, фалисфикување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата, извршени додека раководел со СОЗР.

Покрај ексдиректорот на СОЗР, како што пренесува државната агенција и останатите медиуми, во полициска станица се наоѓа и сопственикот на рент-а-кар сервисот „ВИП“, кој е опфатен во истиот случај и се сомничи за кривичното дело давање поткуп.

Во врска со случајот, денеска претпладне, Основното јавно обвинителство Скопје заедно со Управата за финансиска полиција вршеа претреси на неколку локации во Скопје за обезбедување докази, меѓу кои и во домот на првоосомничениот Мирчески.

Според деталите од истрагата, што ги соопшти Управата за финансиска полиција, делото примање мито е поврзано со сомнежи за злоупотреби при потпишување на пет договори за јавни набавки со фирмата на второосомничениот, а материјалната корист што ја остварил притоа продолжил да ја ужива и откако му престанала функцијата.

Дополнително, Мирчески свесно и со умисла во вкупно пет службени исправи – изјави за непостоење судир на интереси во врска со тендерите внесувал лажни и невистинити податоци и ставајќи го неговиот потпис овозможил тие да бидат употребени како вистинити. Со тоа, според Финансиската полиција го сторил кривичното дело фалсификување службена исправа по член 361 став 1 од Кривичниот законик.

За проневера во службата тој е осомничен бидејќи бидејќи од 1 јануари 2022 до 13 јуни 2024 година во повеќе наврати давал лажни податоци за наводни службени патувања и потпишувал барања за резервации на хотели, авиобилети, изнајмување рент-а-кар возила, како и решенија и налози за службен пат во странство. Со тоа, Мирчески, според Финансиската полиција, го оштетил буџетот на Службата за општи и заеднички работи за околу 1,8 милиони денари (околу 30 000 евра).

Кривичното дело несовесно работење во службата, според надлежните ексдиректорот на СОЗР е осомничен дека го сторил бидејќи иако знаел дека лице кое било вработено како пилот, не ги исполнувало условите за капетан-водач на воздухоплов, сепак овозможил да му биде исплаќана плата.

„На овој начин првопријавениот овозможил лицето да се стекне со имотна корист во вкупен износ од 3 444 615 денари (околу 56 000 евра), а на штета на буџетот на Република Северна Македонија и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело несовесно работење во службата по член 353-в став 2 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија“,

се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.
Инаку, Пеце Мирчески функцијата директор на Службата за општи и заеднички работи ја извршуваше од јуни 2017 до јуни 2024 година.