Апликацијата може да се симне на ednevnik.edu.mk или преку банер поставен на веб-страницата на Министерството и да се инсталира на кој било паметен уред, мобилен телефон или таблет, независно од типот на оперативниот систем


Министерството за образование и наука (МОН) промовираше мобилна апликација за пристап до е-дневник која овозможува увид во распоредот и содржината на часовите на учениците, во редовноста на настава – оправдани и неоправдани изостаноци, зададените домашни задачи, добиените оценки и издадените свидетелства.
Апликацијата може да се симне на ednevnik.edu.mk или преку банер поставен на веб-страницата на Министерството и да се инсталира на кој било паметен уред, мобилен телефон или таблет, независно од типот на оперативниот систем.
Министерката Весна Јаневска вели дека апликацијата ќе им овозможи на над 200 илјади родители и старатели брзо и лесно следење на образовниот напредок на децата.
Сите податоци што се внесуваат во е-дневникот Јаневска вели дека се архивираат и корисникот на апликацијата ќе има увид во податоци од тековната, но и од која било учебна година наназад.
Јаневска вели дека апликацијата веќе била тестирана и оти во МОН се увериле во нејзината функционалност.
„Едноставна е за користење и преку најава и автентикација со истото корисничко име и лозинка кои во моментов ги користат за пристап до електронскиот дневник, над 200 илјади родители и старатели, колку што се регистрирани досега, во секое време можат да имаат брз пристап до информации за образовниот процес на нивните деца“,
рече Јаневска.
За каква било корисничка поддршка при најавување, заборавена лозинка или дополнителни појаснувања околу примената на новата апликација, Јаневска рече дека стручен тим на Министерството за образование и наука е достапен во секое време на електронската адреса ednevnik@ednevnik.edu.mk.
Со цел намалување на административната работа на наставниците, Јаневска информираше дека податоците од електронскиот дневник ќе ги печатат само еднаш годишно, односно на крајот на учебната година, наместо месечно како што беше досега.
Министерката соопшти и дека наскоро ќе почне пилотирање на новиот електронски систем за административна работа на училиштата и електронски дневник во повеќе училишта, пред да бидат официјално применети.
„Подготвуваме неколку електронски регистри кои ќе се користат за потребите на науката, за признавање на странски високообразовни квалификации и за евидентирање на стипендирани македонски студенти во странство и нивно поврзување со работодавачи. Паралелно продолжуваме со обезбедување на квалитетна ИТ-инфраструктурна мрежа во училиштата, нови дигитални алатки во наставата, а ќе продолжи и дигитализацијата на учебниците“,
додаде Јаневска.
Според неа, дел од образовните услуги се целосно дигитализирани и појасни дека од оваа учебна, односно академска година, првпат целосно електронски се спроведуваат постапките за аплицирање и стекнување ученички и студентски стипендии и за сместување во ученички и студентски домови.