„Прилеп џез-викенд“, кој овој пат ја слави својата 15. годишнина, се наоѓа без поддршка од Министерството за култура. Организаторите од Здружението за супкултура „ПП Џез-фестивал Прилеп“ истакнуваат дека по 14 години постојана институционална поддршка, ваквата одлука не може да се гледа како единствен случај.
– „Прилеп џез-викенд“ не е експеримент или краткотраен проект. Тоа е фестивал со долгогодишна традиција, посветен на развојот на културата во Прилеп и околината, и располага со сопствена публика и јасна програма. По повеќе од една деценија, фестивалот успешно придонесува за културната слика на нашиот град,“ коментираат од Прилепскиот џез-фестивал по објавувањето на резултатите од годишните конкурси за културни проекти. Тие се прашуваат дали културната политика на државата свесно се движи кон централизација, со намера да ги гаси или маргинализира културните настани во помалите места. Поставуваат прашања за критериумите за распредлување на јавните средства и независноста на комисиите што одлучуваат.
„Со вакви одлуки, културата надвор од главниот град тивко исчезнува, без објаснување и одговорност,“ додаваат од Здружението.
Реакција има и од „Лешочкиот камерен музички фестивал“.
– Како е можно да се одбие единствениот мултиетнички фестивал во Македонија, чија сцена обединува македонски и албански уметници? Фестивалот успешно се реализира веќе пет години. Дали тоа не е од национален интерес? Дали треба да се поттикнува соживотот или да се распуштаат успешните манифестации?, се прашуваат од „Лешочкиот камерен музички фестивал“.
И поетот Борче Панов, светски познат автор, реагира на ситуацијата, спомнувајќи дека неговата книга „ДНК на пештерата“ не добила поддршка.
– Сакам да прашам дали во Македонија постојат автори кои се анатемисани од издавачката комисија – автори кои ја промовираат нашата земја во светот?, истакнува Панов, кој е добитник на значајни европски награди.
Актерката Весна Димитрова-Бобевски повторно остана без поддршка за нејзината монодрама „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, заедно со одбележувањето на нејзиниот 35-годишен актерски јубилеј. Таа најави дека проектот ќе го реализира и без финансиска помош и дека веќе има покана за учество на фестивал во Русија.
Министерството за култура, пак, информира дека според член 67 од Законот за културата, можно е да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.




