Фото: GIMP
По седум години од вредната работа на програмерите волонтери, дизајнери, уметници, и целата заедница, GIMP конечно ја доби својата официјална 3.0 верзија. Претходната голема надградба се случи во 2018 година со GIMP 2.10, која беше плод на шестгодишен развој и донесе значајни измени во корисничкиот интерфејс.
Пробните верзии на GIMP 3.0 беа достапни од 2020 година, а сега корисниците можат да ја ажурираат апликацијата или да почнат одново со новa инсталација, ако одлучат повторно да ѝ дадат шанса. Од тимот на GIMP нагласуваат дека новата верзија донесува мноштво иновации, па еве некои од најзначајните.
Интерфејсот сега е базиран на GTK3, што вклучува речиси целосна измена на кодот. Оваа измена овозможува подобро прикажување на елементите на HiDPI екрани, што е значајно за дизајнерите, а апликацијата полесно се адаптира на промени во резолуцијата, односно на “scaling”. Главната тема на GIMP сега се изработува со CSS, што значи дека корисниците можат целосно да го прилагодат изгледот, а на располагање ќе имаат и многу интересни теми.
Дополнително, GIMP 3.0 работи на Wayland, иако поддршката за X11 е сè уште присутна. Linux корисниците ќе забележат подобрувања во перформансите на корисничкиот интерфејс.
Втора значајна новост во GIMP 3.0 е поддршката за „non-destructive filters“, со која GIMP стапува на ниво на конкурентите во поглед на обработката на слики. Ефектите сега се гледаат како одделни слоеви над оригиналната слика, а не директно на неа, овозможувајќи полесно изменување, отстранување или префрлање.
GIMP 3.0 нуди и подобрена поддршка за RGB бои, при што AdobeRGB профилот се истакнува како посебно важен.
Промена има и во почетниот прозорец на апликацијата, каде што има нова главна слика и брз дел за прилагодување на корисничкиот интерфејс. Деталната листа на новини е достапна на официјалниот линк.
GIMP 3.0 има ново лого и апликацијата е достапна преку официјалниот веб-сајт и повеќето Linux дистрибуции.