По покана на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, денес во официјална посета на ФФМ пристигна Александар Чеферин, претседателот на УЕФА.
Оваа посета уште еднаш ја потврдува силната соработка меѓу ФФМ и УЕФА, и тоа не само на институционално ниво, туку и на личен план. Македонската „Куќа на фудбалот“ ужива висока почит во европското фудбалско семејство, а присуството на Александар Чеферин дополнително ја истакнува неговата поддршка за развојот на фудбалот во Македонија.
Во делегацијата со Чеферин се и Зоран Лаковиќ, директор за национални асоцијации во УЕФА, и Денис Бастари, раководител за развој на национални асоцијации во истата организација.
Важен дел од посетата ќе биде средбата на Чеферин со сегашните владини претставници, вклучувајќи го премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски. Потоа, ќе следи работен состанок во „Куќа на фудбалот“.
Главен фокус на разговорите ќе бидат идечките насоки за унапредување на фудбалот во Македонија, вклучувајќи важни инфраструктурни проекти, како и поддршка за развој на младинските категории.
Aлександар Чеферин е признат како голем поддржувач на македонскиот фудбал. Неговата посета е јасен знак за посветеноста на ФФМ и претседателот Омерагиќ кон континуираниот развој и афирмација на фудбалот во нашата земја.
Дополнително, се очекува дека оваа посетата ќе помогне во продлабочување на соработката и иницирање нови конкретни проекти под покровителство на УЕФА, со цел создавање подобри услови за развој на фудбалот на сите нивоа.
Извор и Фото/ Фудбалска федерација на Македонија




