Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со македонските тимови кои се истакнаа со своите извонредни успеси на „NASA space Apps Challenge 2024“, глобален настан организиран од Американската вселенска агенција НАСА.
За време на средбата, претседателката беше запознаена со целите и значењето на 48-часовниот хакатон, кој истовремено се одржа во 180 земји ширум светот. Во нашата држава, ученици и студенти од различни делови на Македонија се натпреваруваа на две локации – во Струмица, во Средното стручно општинско училиште „Димитар Влахов“, и во Скопје, во просториите на „Base 42“, Заедницата на технолошки ентузијасти.
Победничките тимови од Струмица, како и најдобриот тим од Скопје, беа избрани од страна на стручното жири на натпреварот. Тие ги презентираа своите иновативни решенија,изработени врз основа на отворени податоци обезбедени од НАСА и нејзините соработници.
Со честитки за овие импресивни успеси, претседателката Сиљановска-Давкова изрази задоволство од креативноста, знаењата и вештините на македонските учесници. Таа истакна дека ваквите иницијативи се важни за развојот на образованието и науката во земјата, посебно во областите поврзани со истражувањето на вселената, каде што младите покажуваат особена заинтересираност и потенцијал.
Во оваа насока, претседателката ја нагласи својата подготвеност да даде поддршка во развојот и популаризацијата на оваа област, преку иницијативи за организирање настани и воспоставување контакти со земји кои имаат развиени вселенски програми.
На хакатонот во Струмица, првото место го освои тимот „Space Banana“, кој разви едукативна игра за егзопланети, претставена како интерактивна приказна со визуелен приказ. Второто место го освои тимот „AHSS Planet Explorers“, кој се фокусираше на анализа на егзопланетите, нивната атмосфера, топографија и климатски особини. На третото место се најде тимот „Space Jam“, кој беше посветен на графичка визуелизација на вселенските тела што орбитираат околу Земјата.
Во Скопје, победник беше тимот „Alkor“, кој создаде интуитивна и интерактивна веб-платформа со ресурси, податоци и содржини за истражување на геомагнетните бури и нивните ефекти врз Земјината средина.