Во македонскиот културен информативен центар во Загреб, свечено е отворена изложбата „Архивски документи“ на познатата уметница Жанета Вангели, организирана од Националната галерија на Македонија.
На настанот присуствуваа македонскиот амбасадор Н.Е. Драган Ѓурчевски, како и многубројни гости вклучувајќи истакнати претставници од македонски и хрватски институции, дипломати и граѓани, кои живеат и работат во Загреб. Изложбата ја отвори претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, која беше на официјална посета на Хрватска.
„Преку својот уникатен визуелен и концептуален пристап, Вангели повторно потврдува дека македонската култура има вредности што може да ги понуди на европскиот културен контекст. Оваа изложба не е само уметничко искуство, туку и длабока анализа на историјата, идентитетот и меморијата. Овакви настани ја истакнуваат важноста на културната дипломатија. Македонскиот КИЦ во Загреб останува наш највреден амбасадор, место каде македонскиот дух и креативност се судираат со хрватската јавност“, истакна Силјановска-Давкова.
„Присуството на претседателката Сиљановска-Давкова е силен сигнал за поддршка на македонската култура и уметност на меѓународно ниво. Таа порача дека културата и уметноста играат важна улога во државните приоритети, а културната дипломатија е клучен инструмент за градење пријателство и разбирање меѓу народите“, дополни директорката на македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска.
„Ми е особено драго што првиот програмски проект на Националната галерија за 2026 година, изложбата „Архивски документи“ на Жанета Вангели, се реализира токму во македонскиот КИЦ во Загреб. Честа е голема што истата ќе ја отвори претседателката, Гордана Силјановска-Давкова“, изјави директорот на Националната галерија, Али Синани.
„Изложбата „Архивски документи“ е резултат на ново авторско истражување на Вангели. Таа е комбинација на нејзините главни интереси и една метафизичка манифестација која ја обработува времето и просторот. Преку архивските документи, Вангели евидентира различни аспекти на духовна слобода и ја повикува публиката да го почувствува сегашниот миг“, објасни Маја Крстевска, виш кустос и програмски раководител.
Оваа изложба е прва во Хрватска за Вангели и вклучува 41 дело изработени со техника на принт на плексиглас, како и придружни аудио материјали. Проектот е замислен како патувачка изложба и ќе биде презентиран и во културните центри во Белград, Истанбул и Софија, со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Изложбата ќе остане отворена за посетители во македонскиот КИЦ во Загреб до 10. април.



