Оваа недела, Google ја презентираше новата генерација од своите отворени јазични модели наречена Gemma 3. Овие модели се достапни за програмерите кои работат на апликации базирани на вештачка интелигенција. Компанијата нагласува дека Gemma 3 е развиена врз основа на истите технологии и истите истражувања кои беа основа за Gemini 2.0 и повеќето негови верзии. Клучната разлика кај Gemma 3 е нејзината способност да работи директно од уредите на корисниците, без потреба од обемни ресурси. Дури и само еден графички процесор или едно Tensor јадро од чиповите кои Google ги создаде за вештачка интелигенција може да бидат доволни за Gemma 3. Google ги истакнува предностите на Gemma 3, кои вклучуваат подобра изведба во споредба со Llama-405B, DeepSeek V3 и о3-mini. Се чини дека овој јазичен модел е создаден како одговор на конкуренцијата од DeepSeek, овозможувајќи на програмерите да креираат апликации без да користат поголеми и поскапи јазични модели, што не секогаш е потребно.