На денешен ден ја одбележуваме Андријана Мациев, вистинска македонска ликовна уметница, чие творчество и страст оставија длабок впечаток во современата уметничка сцена. Родена е на 16 септември 1980 година во Скопје, а почива на 12 мај 2022 година.
Своето средно образование го завршила во „Лазар Личеноски“ во Скопје, а дипломирала на Факултетот за ликовни уметности на отсекот графика, под водство на професорот Димитар Малиданов. Активно учествувала во уметничкиот живот, биле член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и здружението „Широка Стаза“ од Земун.
Андријана реализирала околу 30 самостојни изложби и учествувала на над 100 групни изложби, манифестации, перформанси и колонии, како во Македонија, така и во странство. Нејзините дела се пренесени во неколку градови вклучувајќи Скопје, Белград, Софија, Сарасота, Кавадарци, Прилеп, Куманово, Крива Паланка, Гевгелија, Струмица, Демир Капија и многу други.
Некои од најзначајните самостојни изложби ги вклучуваат оние во Библиотеката „Св. Сава“ во Белград (2009), КИЦ и МКЦ во Скопје (2010), Галеријата „Марко Цепенков“ во Прилеп (2013), Галеријата „Амам“ во Гевгелија, Галеријата „Богиќ“ во Белград, како и КИЦ на Република Македонија во Софија, и изложбата во Art and Cultural Alliance во Сарасота, САД во 2017 година.
Во текот на својата кариера, Андријана добила многу награди и признанија. Во 2007 година ја освојува наградата за новогодишна честитка на ФЛУ, а следната година ја доби и Првата награда од Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“. Три години потоа, добива награда од Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Во 2010 година, таа доби значајно меѓународно признание во Шамалиер, Франција, за посебен придонес во графиката, во рамките на „8 Mondial de l’Estampe et de la Gravure Originale Triennale de Chamalieres“.
Во последните години од нејзиниот живот, Андријана беше призната на меѓународната манифестација „Планетопија“, каде што доби награди како „Уметник на годината“, „Уметничка четка на боите“ и признание за целокупното творештво. Во 2021 година, ѝ беше доделена Платинеста плакета за нејзиниот уметнички придонес, а исто така и за хуманост и поддршка на лица болни од карцином.
Покрај изложбите, таа активно учествуваше во различни работилници, графички проекти, перформанси и културни манифестации, промовирајќи ја уметноста како простор за комуникација, емоции и хуманост.
Иако рано замина, Андријана Мациев ни остави богато наследство, оригинален уметнички израз и незаборавен белег во македонската култура и современата ликовна сцена.




