Испратив јасно предупредување до ЕВН дека е неприфатливо сметките за електрична енергија на граѓаните да растат поради нередовно читање на броилата. Овој начин на работа претставува непочитување кон Владата, а со тоа и кон граѓаните кои ја поддржуваат. Ако ваквите практики продолжат, а сум уверен дека нема, државата има начини да се заштити и ќе ги искористи, изјави вечерва премиерот Христијан Мицкоски. Тој додаде дека ваквото однесување е неодговорно и неприфатливо, бидејќи секој удар врз граѓаните е удар врз сите нас. – Ние ќе продолжиме да ги браниме интересите на граѓаните и на државата. Како Влада не се однесуваме насилно, како што тоа можеби го правеле претходниците. Се залагаме за взаемно почитување и поддржуваме секој инвеститор што се соочува со институционални или други предизвици. Нашата улога е да помогнеме на секој можен начин, рече Мицкоски во интервју за ТВ Канал 5.
Тој истакна дека постојат две причини за зголемените сметки за струја што ги добиваат граѓаните од ЕВН. Прво, жалбите до Регулаторната комисија за енергетика се намалени за 40 проценти во споредба со истиот период минатата година. Второ, сметките се зголемени по нивелирањето бидејќи ЕВН не ги чита броилата редовно. На прашањето зошто владата не го поддржува предлогот на опозицијата за намалување на ДДВ-то на струјата и храната, Мицкоски одговори дека сега нема ценовни шокови како што имало кога тие го сугерирале тоа решение.
Тогаш, инфлацијата беше од 20 до 30 проценти, а високите енергетски цени влијаеја на производните трошоци. Ако пак се соочиме со таква ситуација, намалувањето на ДДВ би било опција. Што се однесува до цените во маркетите, Мицкоски објасни дека намалувањето на ДДВ-то само по себе нема да доведе до поевтинување на храната. Ако на пазарот цените се веќе утврдени, намалувањето на ДДВ-то нема автоматски да ги намали, освен ако не се преземат конкретни мерки од Владата.