Премиерата на „Идеален Маж“ во ХНК Загреб прославена со долги аплаузи и одлична реакција од публиката.

На 5 јуни, во HNK во Загреб, се одржа премиерата на претставата „Идеален маж“, инспирирана од драмата на Оскар Вајлд, режирана од Александар Поповски и со музика на Кирил Џајковски. Настанот забележа исклучителен интерес и голем успех меѓу публиката.

Премиерата беше проследена со бурни аплаузи и позитивни реакции од гледачите, кои ја исполнуваа големата сала до последното место. Претставата предизвика значително внимание уште пред самата премиера, а сите пет закажани изведби во текот на јуни брзо се распродадоа.

Претставата доби многубројни позитивни критики. Како што изјавува „Večernji list“, „Оваа продукција заслужува пофалби и верувам дека ќе живее на сцените на нашиот национален театар долго време, бидејќи освен што ќе ве насмее, екипата, сценографијата, костимите, музиката и светлото, ќе ве воодушеват со целокупниот перформанс.“ На ова, „24sata.hr“ истакна дека „Режисерот Александар Поповски создаде современо, хумористично и изразито проникливо толкување на една од најпознатите драми на Оскар Вајлд. Ова е проект што покажува како класиците, со квалитетна глума, можат да комуницираат со денешната публика.”

„Идеален маж“ е ново остварување во долгогодишната и успешна соработка меѓу Александар Поповски и Кирил Џајковски, уметнички тандем кој повеќе од две децении создава важни театарски проекти низ Европа. Нивниот уникатен уметнички израз повторно беше истакнат во современото толкување на класичното дело на Оскар Вајлд, каде темите за моќта, моралот и општественото лицемерие добиваат нова актуелност.

Прочитајте и:  „Илика“ го објави романот „Забранета тетратка“ - ремек-делото на Алба де Сеспедес конечно достапно на македонски јазик

Фото: ПП и ХНК