На 9 мај во 20 часот, Драмски театар Скопје ќе ја претстави премиерата на драмата „Гидионовиот јазол“, режирана од Драгана Милошевска Попов, врз основа на текстот на писателката Џона Адамс. Работи на драматургијата Викторија Рангелова – Петровска. Настапуваат Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Ања Митиќ и децата од студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски и Јоанис Далајоргос. Ова е втората премиера од Годишната програма за драмска дејност за 2025 година.
Делото „Гидионовиот јазол“ ги истражува темите на вина, одговорност и тага преку комплексен дијалог меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, во рамките на училишна средба по трагичен настан. Овие теми отвораат прашања за светот на детето, комуникацијата, образованието, креативноста и социјалните предизвици како што се врсничкото насилство и осаменоста, додека се бара и потенцијално решение на проблемите, вели режисерката Милошевска Попов.
Џона Адамс, претставничка на новата генерација американски драматурзи, дипломирана на Универзитетот „ДеПаул“ и магистрирана на Факултетот „Хунтер“, има напишано 20 драмски текстови кои впечатливо ја истражуваат психолошката длабочина на ликовите. Нејзината работа се истакнува по општествено релевантни теми, а меѓу најпознатите дела се „Гидионовиот јазол“, „Светски градители“, „Без милост“ и трилогијата „Ангел јадач“. Драмата „Гидионовиот јазол“ е и наградена со престижната „Стинберг“ награда од Друштвото на американски театарски критичари. Претставата ќе биде дел од редовниот репертоар на Драмски театар на 23 и 31 април.