Преку дигитализацијата создаваеме современа држава со транспарентни институции и достапни електронски услуги за сите граѓани.

Во синоќешното издание на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува, пратеничка група“, пратеникот Пеце Милевски ги изнесе своите ставови за важноста на дигитализацијата. Тој акцентираше на јавната расправа што се одржа во четвртокот на тема „Реформски пакет на Предлог-закони за дигитална трансформација на Република Македонија“, нагласувајќи ги можностите кои стануваат достапни за граѓаните преку електронските услуги.

Милевски истакна дека новите закони за дигитална трансформација ќе донесат конкретни бенефити за граѓаните, зголемувајќи ја безбедноста и интегритетот на дигиталните услуги. Тој посочи и важноста на Законот за архивски материјал и архивска дејност.

„Благодарение на младиот и проактивен министер, стигнавме до четири закони коишто треба да имаат вистински реформски карактер. Овие закони ќе ги вклучат директивите на ЕУ и ќе придонесат за подобро функционирање на институциите и услугите коишто граѓаните ги очекуваат. Овие новини ќе овозможат поедноставно архивско работење, со унифицирана база на податоци која ќе го олесни процесот на чување, управување и комуникација, а граѓаните ќе можат безбедно да добиваат и испраќаат документи“, вели Милевски.

Во поткастот, тој дополнително нагласи дека порталот за е-услуги ќе им овозможи на граѓаните да добиваат документи со дигитален потпис и печат, што значително ќе го скрати времето потребно за добивање документи.

„Конкретно, е-услугите во нашата држава треба да му помогнат на секого од нас побрзо да дојде до која било услуга, без разлика дали станува збор за лична карта, извод, уверение или возачка дозвола. Порталот е-услуги нуди голем број на услуги, кои ќе продолжат да се надградуваат. Овие законски измени ќе обезбедат повеќе услуги за граѓаните по електронски пат, со дигитални потписи и печати, што значи поголема безбедност. На тој начин, ќе обезбедиме подобри услови за живеење, ќе ја намалиме бирократијата и времето потребно за добивање на одредени документи“, заклучи Милевски.