Градскиот плоштад во Гостивар попладнево ги собра најмладите гостиварци на предновогодишно дружење и забава во празнична атмосфера.
Центарот на градот блесна со новогодишен сјај, декоративна елка, светилки и различни други украсни елементи, кои најмногу ги радуваат дечињата.
На големо задоволство на најмалите тука беше и Дедо Мраз кој подели скромни подароци, како и други маскоти со кои имаа можност да се фотографираат и забавуваат.
„Изминатите денови, како што можеше и да се види, го украсивме градот. Имаме поставено сијалички, разни декорации, овде на плоштадот бројот „2025“ за годината што ја дочекуваме, како и голема елка. Поради пандемијата, за да не се прават трошоци претходно не можевме да вршиме украсување, но годинава како општина решивме да има украсување, на еден убав, празничен начин. За да создадеме весела атмосфера, денес организираме еден настан за децата со забава со Дедо Мраз, кој најмногу ги радува и им подарува подароци. Кога се радуваат децата се радуваат и нивните родители и за нас тоа е големо задоволство“, изјави во оваа прилика раководителката на општинскиот Сектор за образование, Аслијан Снопче.
Студеното време не ги спречи децата во голем број да дојдат на плоштадот, некои организирано со своите учителки, некои со родителите, а за да се згреат на забавата се делеше топло чоколадо.
Гостивар деновиве го доби својот новогодишен празничен лик, со акцент на плоштадот и булеварите кои се разубавени со разни декорации, светилки и слично.