Арбен Мемети, правник од „Цукиќ-Марков“, укажа на сериозен недостаток во функционирањето на Системот „Безбеден град“. Како што вели, многу граѓани му се обратиле со информации дека примиле СМС пораки и електронски опомени за сообраќајни прекршоци, но со погрешни лични податоци. Во пораките, наместо нивните податоци, биле наведени информации на сосема други лица: име и презиме, единствен матичен број, број на лична карта и детали за возилото. Мемети истакнува дека ова претставува грубо прекршување на Законот за заштита на личните податоци.
„Ова не е само техничка грешка, туку системски ризик кој ја загрозува приватноста и безбедноста на граѓаните. Министерството за внатрешни работи со ваквата неажурност ги нарушува законските обврски и ја поткопува довербата во системот,“ вели адвокатот.
Тој напомена дека грешките при испраќањето на опомените предизвикуваат сериозни прашања:
– Како ќе се обезбеди дека казните ќе стигнат до вистинските сторители?
– Дали граѓаните можат да се соочат со незаконски последици за прекршоци што не ги направиле?
Според Мемети, очигледно е дека јавноста има основа за недоверба, ако системот испраќа чувствителни податоци на погрешни адреси. „Ако денеска стигнуваат податоци на други лица, како да веруваме дека утре нема да стигнат и казни на погрешни адреси?“ запрашува тој.
Дополнителен проблем е и недостатокот на прецизен механизам во Министерството за внатрешни работи за собирање и ажурирање на телефонските броеви и електронските адреси. Често, при регистрацијата на возила, службениците не ги побаруваат овие информации, што резултира со погрешно испраќање на опомени и дополнителни затегнатости.
Адвокатот побара итни мерки:
– Проверка на системот за испраќање опомени,
– Утврдување на причините за пропустите,
– Корекција на неажурните и погрешни бази на податоци,
– Воспоставување на безбедни процедури за обработка на лични податоци, согласно со законите.
„Граѓаните имаат право на точни, сигурни и безбедни информации. Министерството за внатрешни работи има обврска да го гарантира тоа – без компромиси,“ заклучува Мемети.




