Практични совети за добросостојба од д-р Митов

Организирана од страна на Реплек, втората по ред РЕсет работилница понуди практични совети за подобрување на општата добробит, презентирани од реномираниот д-р Александар Митов. Фокусот беше ставен на тоа како да се излезе на крај со темпото на современото живеење и секојдневниот стрес, а истовремено да се одржи менталното и физичкото здравје. Работилницата е дел од инцијативата на Реплек, платформата РЕсет, која поттикнува здрави навики и позитивен начин на размислување.

За време на сесијата, д-р Митов внимателно ги разгледа проблемите што произлегуваат од брзиот начин на живот: лишеност од време, неправилно исхранување, неактивност и стрес. Неговиот пристап беше фокусиран на тоа како малите, но одржливи промени во секојдневните навики можат да донесат големи придобивки, без да бидеме робови на строги диети или нереални цели. Работилницата беше исполнета со практични совети и алатки за тоа како да се препознаат и избегнат стапиците на секојдневието и како постепено да се постават реални чекори кон личен „РЕсет“.

РЕсет платформата им овозможува на сите заинтересирани граѓани можност да направат здрави промени во нивниот живот, придонесувајќи кон лично и колективно подобрување. Преку отворени работилници и активности, Реплек промовира развој на нови здрави навики и меѓусебна поддршка помеѓу учесниците.

До сега, преку оваа платформа, беа одржани повеќе онлајн работилници и настани, вклучувајќи ги тие со алпинистката Илина Арсова и Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“, како и настаните за фитнес со Елена Бубало, кои ќе продолжат и во иднина. Во годината кога ја слави својата долгогодишна историја, Реплек преку РЕсет платформата ја покажува својата визија и посветеност кон создавање подобра иднина за сите.