Голем пожар избувна во селото Неготино, Тетовско, при што целосно изгореа два магацински објекти, а еден е делумно оштетен. Огнената стихија започнала ноќеска околу 00:45 часот, а пожарникарските екипи од Тетово и Гостивар интензивно се бореле со пламените јазици до раните утрински часови.
При интервенцијата, еден пожарникар паднал од скали и се здобил со повреди, по што бил итно пренесен во Ургентниот центар во Клиничката болница во Гостивар, каде што му била укажана лекарска помош.
На терен биле ангажирани вкупно 9 пожарникари со 3 противпожарни возила од Тетово, а поради обемот на пожарот, помош пристигнала и од Гостивар, каде што 4 пожарникари со едно противпожарно возило се приклучиле на интервенцијата. Борбата со пламенот била тешка и траела со часови, а целосно локализирање на пожарот било постигнато дури во 05:30 часот.И покрај тоа, на местото сè уште има жаришта и чад, па пожарникарските тимови остануваат на терен за да спречат можна повторна реактивација на огнот.
Причините за пожарот засега остануваат непознати, а надлежните органи работат на истрагата за да се утврди што точно го предизвикало огнот.Според првичните проценки, материјалната штета е значителна.