Повик до креативците за донација на дела за хуманитарната аукција на Фондацијата „Фросина Кулакова“

Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично загинатата Фросина, со цел да се создадат долгорочни и системски решенија за подобрување на безбедноста во сообраќајот. Нивната визија вклучува подигање на свеста на јавноста и обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата кои се настрадале во сообраќајни несреќи. Преку кампањи за општествена одговорност, едукација и директна помош, Фондацијата се стреми да ја претвори личната загуба во јавна мисија, која создава смисла и охрабрување за реална промена.

Во овој дух, Фондацијата упатува јавен повик до уметниците и креативните личности од цела Македонија да учествуваат во хуманитарната аукција, која ќе се одржи на донаторската вечер насловена „НИТИ ОД СВЕТЛИНА“, по повод официјалното отворање на Фондацијата на 29 јануари во Станица 26 во Скопје. Настанот ќе вклучува изложба, аукција и промоција на химната на Фондацијата „Фросина Кулакова“.

Донаторската вечер ќе ги обедини уметноста, солидарноста и општествената одговорност, со цел да се соберат средства за поддршка на семејствата што се соочуваат со последиците од сообраќајни несреќи, но и за пошироките активности на Фондацијата насочени кон подобрување на безбедноста во сообраќајот, подигање на свеста и унапредување на правната и институционалната заштита на жртвите.

На аукцијата ќе можат да учествуваат сите форми на уметничко и креативно изразување – од слики, скулптури и фотографии до модни парчиња, дизајнерски предмети, мебел, светлосни инсталации и уникатни рачни изработки. Целта е да се создаде разноврсна колекција која ќе демонстрира како уметничката заедница може да биде важен сојузник во општествените промени.

Во рамките на програмата ќе бидат претставени и модни парчиња инспирирани од цртежите на Фросина Кулакова, изработени од нејзини колеги и професори како симболично продолжение на нејзиниот творечки дух.

Собраните средства преку аукцијата ќе бидат насочени за поддршка на сите активности на Фондацијата „Фросина Кулакова“, вклучително и психосоцијална и правна помош за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, реализација на кампањи за подигање на свеста за безбедноста во сообраќајот и иницијативи за унапредување на законската рамка.

Од Фондацијата истакнуваат дека зад секоја сообраќајна несреќа не стои само краткиот момент на трагедија, туку и долготрајната тишина со која семејствата мораат да се справат.

„Станавме свесни дека болката не исчезнува, но со соодветна поддршка можеме да ја носиме без да изгубиме внатрешниот баланс. Психолошката помош ни помогна да останеме смирени и да ја прифатиме загубата. Од таа потреба за смисла и обновување произлезе идејата уметноста да стане простор за средба и дијалог. Овој настан не е само сеќавање, туку повик за заедничка грижа и одговорност. Веруваме дека само преку системска поддршка може да се постигнат вистински промени и да се спречат нови болни последици“, велат од семејството Кулакова.

Сите заинтересирани уметници и креативци можат да се пријават со испраќање порака на Instagram профилот на Фондацијата со фотографија од делото, краток опис и предложена минимална донација.

Фондацијата и семејството укажуваат на важноста од широка поддршка и масовно учество, потсетувајќи дека сите сме дел од сообраќајот и дека имаме одговорност да бидеме дел од решението.