Министерството за здравство во Појасот Газа, под контрола на Хамас, соопшти дека само во последните 24 часа, израелските напади предизвикале смрт на 72 лица, а 174 се повредени. Не се наведува дали жртвите се цивили или борци, а информациите не можат независно да се потврдат.
Според палестински извори, вкупната бројка на загинати од почетокот на конфликтот надминала 56.300, додека повредените се повеќе од 132.600.
Израелските сили продолжуваат со жестоки борби против Хамас и други вооружени палестински групи, по нападот на милитанти на 7 октомври 2023 година, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа заробени.
Во меѓувреме, весникот „Хаарец“ објави дека Израелските одбранбени сили (ИДХ) започнале истрага за можно злоупотребување на сила, по обвиненијата дека израелски војници намерно стрелале врз цивили во близина на пунктовите за хуманитарна помош.
Според болничките извештаи и сведочењето на очевидци, во изминатиот месец стотици Палестинци биле убиени во близината на местата каде што се дистрибуира храна. Неименувани израелски војници изјавиле дека добиле наредби да пукаат во толпата за да ја растераат, дури и кога не била присутна непосредна закана.
Портпаролот на армијата изјави дека се преземаат мерки за избегнување на судири со цивилното население и дека се дадени нови упатства кон копнените сили.
Армиската единица задолжена за истраги во случаи на можно повредување на меѓународното право ќе го испитува однесувањето на војниците во близина на хуманитарните пунктови во текот на изминатиот месец.
Според здравствените власти во Газа, повеќе од 500 лица загинале на овие локации или во зони каде што било предвидено да минуваат хуманитарни камиони.
Во минатите инциденти, израелската армија често тврдела дека нејзините војници испукале предупредувачки истрели за да спречат приближување.




