Заменик-министерот за економија и труд вели дека сите предлози се добри, но оти е потребно отворање на поширока анализа и социјален дијалог за да се види какви импликации ќе имаат таквите предлози врз Буџетот
Сите дијалози за евентуално зголемување на плати треба да се водат преку Економско-социјалниот совет, вклучувајќи го и Законот за јавна администрација кој би требало да профункционира во март годинава, вели заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Според него, очекувањата се дека минималната плата, барем согласно проценките со кои располагаат во моментов, да се зголеми за 1 800 до 2 000 денари.
„Пред да се носат решенија за штрајкови и протести, треба да се искористат сите демократски елементи, во овој случај, седнување на заедничка маса и тука е Економско-социјалниот совет каде треба да се разговара и да се анализираат работите и да повторам, да се носат рационални економски решенија што нема да направат тектонски нарушувања во буџетот на Република Македонија и во нормалното функционирање на државата“,
рече Ристески.
Во однос на предлогот на Комората на Северозападна Македонија од каде побараа минималната плата да биде 500 евра, но придонесите да останат исти како сега, Ристески вели дека секој предлог е добредојден, но и оти мора да има анализи за стопанскиот раст и дали и колку тоа може да го издржи државната каса.
„Треба да се отвори една поширока анализа, поширок социјален дијалог во Економско-социјалниот совет, да се види какви импликации ќе има за таквите предлози по буџетот на Република Македонија и сето тоа да биде во согласност со економскиот раст со економската состојба во Македонија и со порастот на продуктивноста, што е многу битен фактор во одредувањето на порастот на платите во иднина. Со едно нерационално, незаконско решение во иднина може да се направи нарушување на целиот економски систем во државата“,
изјави Ристески.
Минималната плата е регулирана со Закон од 2012 година, а порамнувањето се случува секоја година во март.