На средбата, како што истакнаа двата министри на заедничката прес-конференција, се осврнаа на одличните билатерални односи и изразија задоволство од интензивната политичка комуникација и развиената секторска соработка. Посебно беше поздравено тридецениското пријателство и успешната трговска соработка, која во последно време е во постојан пораст.
Во тој контекст, министрите констатираа дека македонско-унгарското партнерство се основа на силни политички врски и развиена економска соработка, кои во блиска иднина ќе добијат дополнителна динамика.
Двајцата министри исто така разговараа за перспективите и предизвиците на европските интеграции на нашата земја, при што се нагласи јака и недвосмислена поддршка од Унгарија на овој пат, насочена кон отворање на преговорите на нашата земја со Европската унија, со цел да се обезбеди стабилизација и подобра перспектива за нашата и за земјите од регионот.
Муцунски изрази уверување дека поддршката ќе продолжи со исто темпо и во иднина, особено по неодамна потпишаниот Акциски план за размена на знаење во врска со ЕУ-пристапувањето меѓу двете земји.
Министрите разговарале и за соработката во рамките на НАТО, која е насочена кон справување со актуелните безбедносни предизвици и зачувување на европската и трансатлантската стабилност.
Во рамките на посетата, беа потпишани договори за соработка на владино ниво и во образованието. Министерот Муцунски и министерот Сијарто потпишаа Договор за стратешка соработка меѓу владите на Македонија и Унгарија. Исто така, министерот Сијарто и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, потпишаа Меморандум за разбирање за соработка во рамките на програмата Стипендиум Хунгарикум за периодот 2026-2028.
Македонските студенти ќе можат да добијат 20 стипендии годишно за студирање во Унгарија на унгарски или странски јазик. Министерството за образование и наука соопшти дека предност ќе имаат апликантите во областите на науката, технологијата, инженерството, математиката (СТЕМ), медицинските и здравствените науки, како и земјоделството.
Меморандумот предвидува студентите да добиваат покриена школарина, сместување во студентски домови или средства за покривање на трошоците за сместување, право на здравствени услуги и користење на бесплатни библиотечни услуги, како и месечен надоместок за основни трошоци.
„Министрите Јаневска и Сијарто се согласија дека потпишувањето на меморандумот ги потврдува и унапредува пријателските односи меѓу двете земји во областа на високото образование, во интерес на развојот на општеството базирано на знаење“, се наведува во соопштението.
Стипендиите ќе бидат достапни за редовни додипломски, постдипломски, едностепени магистерски и докторски студии, а исто така, ќе се доделуваат и за скратени студии од три до десет месеци за стекнување академски кредити.




