Висок израелски функционер рече дека договорот може да биде потпишан во рок од неколку дена доколку Хамас одговори на предлогот. Палестински претставник близок до разговорите рече дека информациите од Доха се многу ветувачки, додавајќи дека разликите се намалени
Американските и арапските посредници постигнаа значителен напредок во текот на ноќта во разговорите за прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас и ослободување на десетици заложници во Појасот Газа, но сè уште не е постигнат договор, изјавиле денеска официјални лица, пренесува Асошиејтед прес (АП).


Три официјални лица, кои побарале да не бидат именувани, рекле дека е постигнат напредок и дека следните денови ќе бидат клучни за ставање крај на повеќе од 15-месечните борби меѓу Израел и палестинскиот Хамас – кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, се наведува во извештајот на АП.
Катар во понеделникот им дал на Израел и на Хамас конечниот нацрт на договорот за ставање крај на војната во Појасот Газа, по пробивот во разговорите на кои присуствуваше претставник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, изјавил за Ројтерс официјален претставник запознаен со преговорите.
Официјалниот претставник рекол дека текстот на договорот за прекинот на огнот и ослободувањето на заложниците бил договорен на разговорите во Доха во кои биле вклучени шефовите на израелските разузнавачки агенции Мосад и Шин Бет, катарскиот премиер и Стив Виткоф, кој ќе биде американски претставник кога Трамп ќе ја преземе претседателската функција следната недела. Се верува дека учествувале и официјални лица од американската администрација во заминување.
„Следните 24 часа ќе бидат клучни за постигнување договор“,
рекол претставникот запознаен со преговорите.
Израелското радио Кан, повикувајќи се на израелски функционер, денеска објави дека израелските и делегациите на Хамас во Катар го примиле нацртот и дека израелската делегација ги информирала израелските лидери.
Официјални лица од двете страни, иако не потврдија дека е постигнат конечен нацрт, рекоа дека има напредок во разговорите.
Висок израелски функционер рече дека договорот може да биде потпишан во рок од неколку дена доколку Хамас одговори на предлогот. Палестински претставник близок до разговорите рече дека информациите од Доха се многу ветувачки, додавајќи дека разликите се намалени.
САД, Катар и Египет работеа повеќе од една година на преговорите за крај на војната во Појасот Газа, досега без успех.
Инаугурацијата на Трамп на 20 јануари се смета на Блискиот Исток како де факто краен рок за постигнување договор.
Официјалниот претставник рече дека разговорите траеле до раните утрински часови во понеделникот, при што Виткоф извршил притисок врз израелската делегација во Доха, а катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани извршил притисок врз претставниците на Хамас да го финализираат договорот.
Шефот на египетската Генерална разузнавачка агенција, Хасан Махмуд Рашад, исто така беше во главниот град на Катар како дел од разговорите, рече претставникот.
Претставникот на Трамп, Виткоф, беше неколку пати во Катар и Израел од крајот на ноември. Тој беше во Доха во петокот и отпатува за Израел за да се сретне со премиерот Бенјамин Нетанјаху во саботата, пред да се врати во Доха.
Бајден телефонски разговарал и со Нетанјаху во неделата, нагласувајќи ја „итната потреба за прекин на огнот во Газа и враќање на заложниците, заедно со зголемена хуманитарна помош што ќе биде овозможена со прекин на борбите според договорот“, соопшти Белата куќа.
Израел започна офанзива во Појасот Газа откако милитантите на Хамас го нападнаа југот на земјата во октомври 2023 година, убивајќи, според израелските податоци, 1 200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници.
Оттогаш, повеќе од 46 000 луѓе се убиени во Појасот Газа, според здравствените власти во Појасот Газа под контрола на Хамас, при што голем дел од територијата е уништен и зафатен од хуманитарна криза, а најголемиот дел од населението е раселено.