Постигнат е напредок, дијалогот меѓу Белград и Приштина продолжува.

Главните преговарачи од Србија и Косово ја одржаа новата рунда на разговори во Брисел, под покровителство на специјалниот претставник на Европската унија, Петер Соренсен. Тој истакна дека е постигната согласност за продолжување на дијалогот во блиска иднина.

„Вчера имав долга средба со преговарачите од Белград и Приштина. Разговаравме за напредокот, нерешените прашања и подготовките за следната средба на високо ниво“, објави Соренсен на социјалната платформа Икс.

Белград бара основање на Заедница на општини со мнозинско српско население во Косово, што е обврска од спогодбата во 2013 година. Косовската страна, пак, тврди дека Србија ја блокира имплементацијата на интегрирано гранично управување.

Преговарачот од Србија, Петар Петковиќ, потврди дека е поднесен план за намалување на тензиите во северниот дел на Косово и најави дека разговорите ќе продолжат во јули. На 26-ти јуни во Женева е предвиден состанок на работната група за исчезнати лица од војната во Косово.

Прочитајте и:  Србија започна прва заедничка воена вежба со НАТО, но продолжува да остане воено неутрална

Косовскиот претставник, Бесник Бислими, нагласи дека Соренсен има „јасна визија за дијалогот“, но исто така додаде дека е „прерано за конкретни резултати“.